Путин наложи да се воведе кривична одговорност за пропагирање опојни дроги на интернет

Начин на живеење
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Претседателот на Русија Владимир Путин ѝ наложи на владата на Руската Федерација да подготви измени во важечкото законодавство во врска со воведувањето кривична одговорност за пропагирање или поттикнување на употреба на опојни дроги на интернет.

Претседателот ѝ даде налог на владата по состанокот со претставниците на јавноста по прашањето за развој на Далечниот исток што се одржа на почетокот на минатиот месец.

„Да се преземат дополнителни мерки за спречување на недозволена трговија со опојни дроги и психоактивни супстанции, заради што во руското законодавство се внесуваат измени врз основа на кои се воведува кривична одговорност за поттикнување на употреба или пропагирање на опојни дроги, психоактивни супстанции или нивни еквиваленти со користење на информациско-телекомуникациската мрежа интернет“, се наведува во инструкцијата на претседателот, пренесува ТАСС.

Во важечкото законодавство за пропагирање опојни дроги е предвидена само прекршочна одговорност. Максималната парична казна за граѓаните на Русија изнесува до пет илјади рубли (70 евра), за службени лица и индивидуални претприемачи до педесет илјади рубли (700 евра), а за правни лица до еден милион рубли (14 илјади евра).

Казната за странци или лица без државјанство изнесува до пет илјади рубли (70 евра), меѓутоа, предвидено е и казнување со протерување од РФ или казна затвор во траење од 15 дена поради прекршокот.

Прочитајте повеќе: Руски научници развиваат вакцина против наркоманија