„Авионот ни се урна, жив сум”: Мајка на патник на Airbus A321 го пренесе својот разговор со синот

Xinhua \ ZUMAPRESS.com/Global Look Press
Патничкиот авион Airbus A321 на авиокомпанијата „Уралски авиолинии” на 15 август принудно слета во поле со пченка недалеку од аеродромот Жуковски. Во авионот имаше над 230 лица, сите преживеаја.

„Мамо, нашиот авион се урна, јас сум жив“, со овие зборови во 06:25 часот ја разбуди Наталија Жабицка нејзиниот син Илја.

А потоа објаснил дека се јавува од туѓ телефон затоа што го изгубил својот кога авионот удрил во земја.

„Сфатив дека е под дејство на адреналин затоа што тој нормално не го зборува толку“, се смее Наталија. „И сфатив дека штом тој зборува за тоа, сите други исто така останале живи“.

Илja има 14 години. Летал за Симферопол како дел од мала група на деца, придружувана од возрасни. Кога авионот почнал да паѓа, Илја видел како човекот до него се склупчил. Тој го сторил истото и поцврсто го затегнал појасот. Потоа сфатил дека треба што побргу да излезе од авионот за да не се најде во толпа и успеал да го стори тоа и да излезе меѓу првите. Момчето се удрило во грбот, кој сега го боли кога се наведнува.

„Го прегледал лекар и не е ништо опасно“, вели Наталија. „Но, многу е можно дека има некоја микроповреда“.

Во моментов Илја и другите деца од групата се на аеродромот и чекаат да го добијат рачниот багаж. Веројатно ќе продолжи до Крим со воз.

„Ми рече: Мамо, јас сега сигурно повеќе нема да се возам со авион“, вели Наталија. Така реагирале и другите деца, а некои дури и велат: „Ништо не ни треба, фала, се изнапатувавме“.

„Кога сфатив дека паѓаме, помислив дека ќе умреме и се расплакав “, ѝ рекол Илја на мајка си.

Тој е роден во септември, а Наталија сега ќе го слави 15 август како втор роденден на синот.

„Кога нашите пилоти реагираат професионално и покрај сите проблеми со техниката, луѓето остануваат живи, тоа е најважното“, вели таа.

Прочитајте повеќе:

Галеби од депониите го принудија рускиот пилот да направи чудо во поле со пченка во близина на Москва

„Сега стварно верувам во Бог!“: Впечатоци на патници по слетувањето на авион во поле со пченка

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња