Шведски новинар објасни зошто Русите не веруваат дека Американците навистина слетале на Месечината

© Apic/Getty Images

Шведскиот новинар Дејвид Исаксон во авторски текст објавен во дневниот весник „Вастервикс-Тиднинген“ (Västerviks-Tidningen) пишува дека бил прилично изненаден кога дознал дека многу Руси не веруваат дека Американците навистина слетале на Месечината, притоа нудејќи и објаснување за ваквиот став на руските граѓани.

Како што наведува Исаксон, тој пред десетина години разговарал со свој пријател од Русија за слетувањето на американската мисија со човечки екипаж на Месечината. Неговиот пријател рекол дека е склон да верува дека Американците навистина биле на Месечината, но дека не е сосем сигурен во тоа. „Бев прилично изненаден, бидејќи се работи за паметен и љубезен човек. Ми се чинеше дека неверувањето дека Американците слетале на Месечината е исто како да сметате дека Земјата е рамна плоча“, пишува новинарот.

Авторот ги наведува во статијата резултатите од минатогодишната испитувања на јавното мислење според кои 57 отсто од Русите не веруваат дека слетувањето на Месечината всушност и се случило.

Тешко е да се каже зошто ваквите сомнежи се распространети во Русија, но можеби работата е во тоа што во областа на космонаутиката целиот свет ги памети само достигнувањата на Соединетите Американски Држави, пишува авторот на текстот.

Тој потсетува дека целиот свет неодамна ја прослави педесетгодишнината од стапнувањето на американските космонаути на Месечината. Како што истакнува на почетокот, прв и најдобар на светот во оваа област беше Советскиот Сојуз.

Токму затоа СССР го испрати првиот човек во орбитата, токму советски космонаут прв излезе во отворена вселена, а првата жена во вселената беше исто така од СССР. Сепак, светот речиси и да не го спомнува тоа, пишува Исаксон.

Како што истакнува шведскиот новинар, никогаш нема да се случи странските телевизии да посветат цела ноќ на афирмативни телевизиски емисии во спомен на Јури Гагарин, како што тоа беше случајот со педесетгодишнината од слетувањето на американската мисија на Месечината.

Сè е поразлично во Русија, забележува Исаксон, нагласувајќи дека „ретко која истакната личност може да се спореди со Гагарин“. Тој исто така пишува за Денот на космонаутиката, кој се слави во Русија на 12 април, и забележува дека сеќавањето на Гагарин е живо на различни начини, така, на пример, по него е наречен големиот турнир во хокеј. Потсетува и на неодамна снимените високобуџетни филмови за летот на Гагарин во вселената и излегувањето на Алексеј Ленов во отворена вселена.

Советскиот сојуз, меѓу другото, прв испрати животни во вселената, а не само луѓе. Сеќавањето на Русите и останатиот свет по тој повод значително се разликува. И додека целиот свет се сеќава на првото куче во вселената по име Лајка, во Русија главни херои се Белка и Стрелка, наведува Исаксон, нагласувајќи дека Белка и Стрелка се вратиле на Земјата живи.

Како американските, така и советските вселенски програми не претставуваат само истакнати технички достигнувања, туку го вклучуваат и прашањето на пропагандата. Затоа, веројатно, сосем  природно секоја страна да го чува споменот на своите достигнувања, заклучува шведскиот новинар.

Прочитајте повеќе: Зошто СССР не испрати човек на Месечината?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња