Ветераните на руската разузнавачка служба инсистираат на поголем број жени кај шпионките

Начин на живеење
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА

Бројот на жени во руската разузнавачка служба, па и на раководните места мора да биде зголемен, сигурен е искусниот разузнавач Андреј Безруков.

„Јас сум за еднаквост кај половите во оваа професија. Поголемиот број мажи во нашата разузнавачка служба е наследство од минатите времиња“, вели тој и го свртува вниманието на тоа дека во американските и во британските разузнавачки служби има повеќе жени на раководни места. „Разузнавачот мошне често се раководи од својата интуиција, а со интуицијата, ако смеам да кажам, е повеќе надарена жената одошто мажот“, вели Безруков.

Андреј Безруков и Елена Вавилова го претставија својот роман за работата на разузнавач под насловот „Жената која умее да ги чува тајните“.

„Зошто е ова исповед на жена во прво лице? Затоа што во нашата современа литература нема многу стории за жени, а уште помалку за жените во разузнавачката служба“, вели Вавилова и објаснува дека сакала во нејзината книга да покаже како еден филмски лик се разликува од реалниот. Луѓето што очекуваат шпионски роман ќе бидат разочарани кога ќе прочитаат дека разузнавачката работа е пред сè монотона работа, вели таа.

Безруков и Вавилова имаат работено во Северна Америка под имињата Доналд Хауард Хитфилд и Трејси Ли Фоли над 20 години. Депортирани се заедно со уште осум сонародници од Русија откако беа уапсени на 9 јули 2010 година. Во замена за нив Русија ослободи четири лица кои работеа за американската разузнавачка служба.

Врз основа на приказната за семејството Фоли снимена е популарната телевизиска серија „Американци“.