„Никој не мислеше дека ќе има толку загинати“, изјавила една од патничките Марина Ситникова за руското издание Snob. За време на инцидентот таа седела во 10 ред и како што се сеќава никој не успеал да избега од задниот дел на авионот. „Видеата покажуваат дека сите викаа во кабината за време на слетувањето, но јас самата бев изненадена, ми се чинеше дека е потполна тишина. Не можев да слушнам или видам ништо во чадот“, се сеќава таа.
На 5 мај вечерта патничкиот авион Сухој Суперџет 100 полета од аеродромот „Шереметјево“ во Москва и се насочи кон Мурманск. Но, само 10 минути по неговото полетување, го погодува молња. Ова води до загуба на радарската и на автоматската контрола на системите, поради што пилотите бараат враќање во „Шереметјево“ за принудно слетување.
Во тој момент нема никаква паника, изјави Владимир Евменков, преживеан патник од шестиот ред, кој седел до прозорецот и гледал како молњата удира во десниот мотор двапати. „Речиси го скршив вратот од страв дека авионот се запали, но немаше пламен“, се сеќава тој. „Ни беше кажано дека поради технички проблеми се враќаме во Москва“.
„Имаше голем удар – очите ми излегоа“
Приземјувањето сепак излегува грубо: авионот се одбива и успева да „слета“ дури од третиот обид, оштетувајќи ги резервоарите за гориво одоздола и при што се запалува зоната во близина на опашката. „Бевме толку исплашени речиси изгубивме свест“, вели Петар Егоров уште еден преживеан од седмиот ред, за весникот „Комсомољскаја правда“. „Авионот скокаше во местото при слетувањето како скакулец, а потоа се запали на земјата!“
„Сѐ се случи одеднаш, со жестокa брзина“, вели Марина Ситникова. „Имаше силна експлозија – очите ми излегоа – за секунда беше малку тивко, а потоа почна да надоаѓа чад и почна да гори веднаш!“
Според преживеаните, иако луѓето брзале кон излезите, таму немало купишта луѓе. Стјуардесите брзо ги отвориле излезите и дотогаш сите само чекале. Некои шпекулираат дека евакуацијата била забавена од некои патници кои си го земале багажот, но Владимир Еменков забележува дека некои ги зеле чантите, бидејќи немало што друго да прават, додека чекаат да се отворат вратите.
„Не бев првиот во редот за излезот, а кога станав, не можев да се движам напред. Имаше една жена со дете блиску до мене и тие дури и не се обидуваа да се движат, можеби поради страв да вдишуваат јаглерод моноксид, плус тоа да бегаат кон излезот во овој момент би значело да трчаат во луѓето. Значи извесно време само стоев на патеката“, се сеќава тој, додавајќи дека во тој момент некои луѓе ги зеле чантите, бидејќи немале можност да се движат. „Документите ми беа таму, па ги зграбив и кога луѓето почнаа да се движат, јас продолжив кон излезот“.
Никој по 12 ред не преживува
Дмитриј Харинин, друг патник кој седел во 10 ред, исто така се сеќава дека сите биле седнати пред авионот да запре, а потоа продолжиле кон излезите, како и обично кога тоа е дозволено. „Го грабнав пасошот и тргнав кон излезот. Прво пуштив тројца или четворица и кога почувствував топлината одзади, тргнав кон излезот“, објаснува тој.
„Не се свртев да видам што се случува зад мене. Зошто? Не знам. Направив неколку чекори. Имаше светол чад. Но, беше можно да се помине низ него. Тогаш одеднаш сè се покри со густ црн чад. Беше невозможно да се дише. Се наведнав до седиштата, каде што имаше помалку чад и вдишав неколку пати, доволно за да се дојдам до излезот. Таму чадот престана и видов две стјуардеси кои им помагаа на патниците да се евакуираат“.
Тој додава дека не видел никој да ја забавува евакуација со земање багаж“. Ако некои имале багаж, тој бил мал - чанти, мали ранци ... Некои луѓе избегаа, без дури да земат нешто, јас го видов тоа лично“.
Татјана Касаткина, стјуардеса на трагичниот лет, како што пренесува Lenta.ru, се сеќава дека луѓето почнале да стануваат од своите места за време на слетувањето, јавувајќи им на на роднините и велејќи дека авионот гори. „Сѐ се случи толку брзо што немавме секунда да мислиме“, се сеќава таа. „Ги туркав патниците кон излезите. Повлекував некои од нив силно за да не ја забавуваме евакуацијата“.
„Јас бев последниот кој го напушти авионот, и никој не ме следеше...“, вели Олег Молчанов чие место било во 12 ред.
„Мислам дека толку многу луѓе загинаа, бидејќи пожарот, се разбира, стигна до крајот на кабината. Задниот излез не се отвори, но луѓето мислеа дека ќе избегаат од најблискиот излез. Мислам дека патниците во опашката едноставно немаа никаква шанса да избегаат. Се надишаа јаглерод моноксид и керозин кој го имаше насекаде. Само оние кои бегаа напред, можеа да преживеат. Во задниот дел немаше кој да ги спаси“, вели тој за Meduza.
„Не видов никаква толпа за време на евакуацијата“, се присетува Марина Ситаркова. „Се сеќавам дека видов луѓе како лазат за да стигнат до излезот. Искрено, бев спасена од стјуардесата“. Во еден момент таа ја изгубила свеста и не знаела што да прави. „Одеднаш слушнав некој ми нареди: Брзо! Брзо!. Така најдов сила и потрчав кон гласот“.
„Сите гледаат да го обвинат спасувачкиот тим, но според мене тие работеа исклучително добро“, вели Дмитриј Харинин. „Никој не би можел да ја знае траекторијата на авионот, каде ќе слета и дека ќе се запали - немаше индикација дека таква катастрофа ќе се случи“.
Властите во моментов ги испитуваат причините за падот, вклучувајќи ги и можните технички грешки на авионот и неповолните временски услови. Додека јавноста ја чека конечната причина на Change.org веќе е формирана посебна петиција за забрана на Сухој Суперџет 100 за летови во Русија и идентификување на проблемите со авионот и доведување на одговорните на суд.