Руските Монтеки и Капулети праќаат вљубен пар на наградно патување во Париз

Начин на живеење
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Приказната за „веронските вљубени“ од социјалните мрежи во ново руво и со среќен крај!

Корисникот на социјалната мрежа „Твитер“ од Новосибирск @KAHN_KUN објави пред два дена фотографија на која се снимени курири на лутите конкурентски сервиси за достава на храна Яндекс.Едa и Delivery Club како во близина на еден пешачки премин се гушкаат во „полна воена опрема“.

Фотографијата за помалку од 24 часа се прошири по медиумите и социјалните мрежи иако не беше познато дали актерите од фотографијата го знаат тоа и дали се свесни за својата популарност.

Веста за вљубениот пар од фотографијата стигна пред два дена во вечерните часови и до самите сервиси за достава на храна. Претставниците на компанијата Delivery Club рекоа за руските медиуми дека трагаат по наведеното момче и девојката за да им подарат викенд-патување во Париз. Компанијата има во план да ги сноси трошоците за летот и хотелското сместување.

Сервисот Яндекс.Еда се обврза дека во градот на вљубените ќе ги сноси трошоците за култура, како што се посета на Лувр, Ајфеловата кула и Дизниленд, како и за романтична вечера во ресторан од водичот на Мишелин.

Корисниците на социјалните мрежи веќе го нарекоа вљубениот пар Монтеки и Капулети алудирајќи на Шекспировата трагедија „Ромео и Јулија“, ставајќи ги притоа во улога на непријателските семејства од Верона конкурентските компании во кои работат овие млади луѓе.