Опасноста помина: Белите мечки се повлекуваат од населените места на руската Нова Земја

Vera Kostamo/Sputnik

Поларните мечки, чија наезда пред само неколку дена претставуваше сериозна закана за локалното население на рускиот архипелаг Нова Земја во Северниот Леден Океан, ја напуштија населбата Белушја Губа, соопшти управата на „Росприроднадзор“ за Архангелската област.

Како што се објаснува, последниве 24 часа во оваа населба и неговата околина не е забележана ниту една мечка, а во близина на другите населени места вакви диви животни има „многу помалку“. Научниците, претставниците на локалните власти и безбедносните органи ја крстосуваат територијата и ја држат ситуацијата под контрола, велат од „Росприроднадзор“.

Во овој момент наведената агенција размислува да ги успие мечките за да им постави сензори заради следење. Раководителот на администрацијата на Нова Земја Жиганша Мусин изјави дека мечките се повлекуваат затоа што повторно се појавил мраз на кој животните заминуваат. Тој пофално се изрази за групата која ги гонеше дивите ѕверови од населените места. Според информациите што ги пренесуваат медиумите, локалната Комисија за предупредување  од вонредни состојби и ликвидација на последиците одлучи од 19 февруари да ја укине вонредната состојба.

Вонредната состојба на Нова Земја беше воведен на 9 февруари поради наездата од поларни мечки. Беа регистрирани преку педесет, а во самата населба околу десетина животни циркулираа константно. Тие непречено се движеа, отвораа врати и влегуваа во холовите на зградите, што беше забележано на камерите за видеонадзор:

Мештаните детално снимаа сѐ и ги објавуваа тие снимки на социјалните мрежи со бројни духовити забелешки. Макар што во еден момент воопшто не беше за шега кога животните не реагираа на средствата за растерување, отрпнати на урбаните звуци и знаци. Иако белите мечки спаѓаат во загрозен вид и не смеат да се убиваат, локалните власти во еден момент беа на искушение и да пукаат, затоа што безбедноста на граѓаните, а особено на децата, беше сериозно доведена во прашање. 

Според мислењето на експертите, мечките во населбите на Нова Земја ги довеле гладот и миграцијата од југ на север на архипелагот, затоа што поради отсуството на ледените санти не можеле да ловат фоки. Покрај тоа тие ги сакаат местата со депонии затоа што таму лесно можат да најдат храна.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија
Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња