Најголемите руски продавачи на автомобили на 15 февруари ќе почнат да примаат нарачки за лимузината Aurus Senat Limousine L700 и седанот Aurus Senat S600, најави Министерството за индустрија и трговија на Русија, пренесуваат руските медиуми.
Според Денис Мантуров, министерот за индустрија и трговија, заинтересираните купувачи ќе бидат во можност директно да се поврзат со официјалните партнери на марката Aurus во Русија, а тоа се групата „Авилон“ и компанијата „Панавто“.
Европската премиера на новите руски автомобили од премиум-класата ќе се одржи на Саемот на автомобили во Женева на почетокот на март. На престижниот салон Русите се поканети да ги презентираат токму овие возила од проектот „Кортеж“ кои уште на почетокот на развојот кренаа голема медиумска прашина. Колку за потсетување, првите автомобили од семејството Aurus се направени за претседателскиот конвој на Владимир Путин. Автомобил од оваа марка сега користи и рускиот премиер Дмитриј Медведев.
Како што напомна Денис Мантуров, се смета дек дел од овие автомобили ќе се купува за обнова на државниот возен парк, како во Русија, така и во други земји. А меѓу другите клиенти ќе има правни и физички лица.
Според рускиот министер, кој лично ги тестираше новите руски возила од премиум-класата, овие автомобили се одликуваат со висок степен на безбедност во салонот, одлично забрзување и имаат извонредни динамички карактеристики.
„Како патник, морам да го пофалам целокупниот комфор и високиот квалитет на материјалите во реализацијата на ентериерот. Возев различни автомобили. Иако не можете да бидете рамнодушни кон удобноста на седанот и лимузината, мене сепак најмногу ми се допаѓа теренецот. Сериозно размислувам за негово купување, веднаш штом ќе се појави“, призна министерот Мантуров.
Првиот модел на новите руски автомобили седан Aurus Senat беше претставен во август минатата година на Саемот на автомобили во Москва. Како што беше најавено, во првите месеци од оваа година ќе се појави кросоверот и тоа во вид на прототип, додека почетокот на неговото производство не се прецизира. Најдоцна до мај 2020 година од производство ќе излезе кабриолетот Aurus кој ќе учествуваат во традиционалната Парада во чест на Денот на победата на Црвениот плоштад.
Денис Мантуров најави дека склопувањето на автомобилите ќе се одвива во погоните на руската компанија „Солерс“ во Татарстан, додека Вадим Швецов, нејзиниот генерален директор и косопственик, изјави дека автомобилите Aurus поради огромната побарувачка нема да биде можно да се набават оваа ниту следната година.
Засега не е познато колку точно ќе чинат лимузината и седанот. Можно е тоа да биде објавено токму во Женева. Денис Мантуров тврди дека Aurus ќе биде поевтин од своите собраќа „Бентли“ и „Ролс-Ројс“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче