Истакнувајќи дека луксузни лимузини не се произведувале во Русија повеќе од 30 години, авторот на статијата, полскиот новинар Андреј Кублик, заклучува дека „Русија сака во еден замав да влезе во елитниот круг на возилата од премиум класата и да стане конкуренција на британските брендови Ролс-Ројс и Бентли, како и на германскиот Мајбах-Дајмлер“.
Успехот на брендот, според него, би требало да го гарантираат германските инженери, парите на арапските нафтени шеици и сликата на претседателот Путин кој лично го користи овој автомобил.
По екскурзијата низ историјата (за користењето на автомобилите ЗИЛ во улога на официјални лимузини на советските, а потоа и на руските лидери, како и споредувањето со S 600 Guard Pullman), критичарот настојува да ги „демаскира“ учесниците на специјалната програма „Кортеж“ ФГУП НАМИ, а меѓу нив и генералниот директор на компанијата „Аурус“ Франц Герхард Хилгерт, кој работел за Дајмлер од 1981 година, додека од 1998 до 2004 година бил раководител на Дајмлер-Крајслер за Русија.
„Руското раководство тврди дека автомобилите Аурус се во целост производ на домашните инженери и дизајнери. Наводно, најголем број од деловите се произведени во домашни фабрики: тркалата во Краснојарск, амортизерите во Башкирија, кожните преслеки во Рјазањ, резервоарите во Нижни Новгород“, се наведува во статијата на „Дие велт“.
На ова се надоврзува главното обвинение – дека одговорните лица од руска страна молчат за потеклото на А-Бе-Ес кочниците и на системот за контрола на електричната стабилност, како и на клима-уредот.
„Исто така е нејасно потеклото на моторот од осум цилиндари, 4.4 литри и 598 коњски сили, а кој е прикажан на Московскиот саем за мотори“, пишува Андреј Кублик и додава дека, според официјални податоци, моторот е дело на руските научници од Порше.
Но, најважните технички карактеристики „укажуваат на големата сличност со еден од моторите на Бе-Ем-Ве“, наведува новинарот.
Секако, во статијата на полскиот автор не може да се видат никакви детали или компаративна анализа на овие два мотора. Инаку, одговорите на ова прашање повеќепати се дадени, и тоа прилично детално.
Според главниот конструктор Вадим Переверзев, моторот е направен во соработка со Порше, но според техничките спецификации на ФГУП „НАМИ“.
„Сите параметри на идниот мотор ги поставија руските инженери во согласност со барањата на проектот. Ова, меѓу другото, се однесува на динамиката на влечата и габаритот, за сè да се вклопува совршено во структурата на автомобилот. Моторот рамо до рамо го направија руските и германските инженери. Моторите се составуваат во ФГУП НАМИ. Не постои никаква унификација со Порше. Моторот е оригинален“, објаснува Вадим Переверзев.
„Низ руската блогосфера се рашири мит за тоа дека НАМИ го ископирал овој мотор од Бе-Ем-Ве 4.4, но ако се разбирате за тоа како работат баварските мотори S63/N63, лесно можете да ја забележите разликата со моторот на Аурус. Пред сè, турбокомпресорите на ЕМП машината се наоѓаат на надворешната страна на блокот на цилиндарите, а не внатре. Второ, самите турбокомпресори се еднопотезни, а ги прави компанијата IHI. Исто така, трансмисијата на сите обесени делови ги вршат синџири (ги има четири), што беше барање од страна на нарачателот од ФСО, а сите синџири имаат ист рок на траење колку и моторот. Четврто, Аурис, исто така по барање на нарачателот, користи сервоволан чија пумпа е сместена во самите погонски блокови“, наведува на пример новинарот од списанието „Авторевија“.
Да потсетиме дека федералното претпријатие НАМИ работеше на проект за развој на „Единствена модуларна платформа“ од крајот на 2012 година. Резултат на тоа е уникатна модуларна платформа и низата автомобили базирани на неа. Целото семејство вклучува седан, лимузина (обична и оклопна), минибус, теренско возило и мотоцикл.
Неодамна беше обелоденето дека автомобилите „Аурус“ се распродадени две години однапред. Ова дополнително го потврдува постоењето голем интерес за рускиот бренд.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче