По незапаметените снежни врнежи рускиот град Саратов во колапс (ВИДЕО)

Начин на живеење
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
По неодамнешните незапаметени врнежи од снег рускиот град Саратов не успева да се избори со снежните наноси. Многумина бараат да се воведе вонредна состојба, затоа што сообраќајот е во колапс повеќе од недела дена, иако во Русија сите очекуваат снежна зима и се навикнати да се борат со тешкотиите кои ги носат врнежите со себе.

Од 20 јануари градот Саратов на реката Волга го погодија неколку меќави какви што немало последните 30 години. Градските власти објавуваат дека паднале повеќе од 80 сантиметри снег.

Градот со 900000 население не беше подготвен за толкави количини врнежи. Многу улици се непроодни и Саратов е со денови заглавен во непрекинат сообраќаен колапс. Само една од десетте трамвајски линии функционира и понатаму, додека автобусите и тролејбусите кои возат од градскиот центар до предградијата не сообраќаат.

Лошите временски услови предизвикаа доцнење на голем број летови на аеродромот во Саратов. Повеќе возови кои сообраќаат од Сибир кон јужните делови на Русија заглавија во снегот на приодот до градот.

Жителите на градот се жалат преку социјалните мрежи дека се принудени пешки да поминуваат преку 10 километри секој ден за да стигнат на работа, а ваквите потфати, кои подразбираат заобиколување и совладување на огромните снежни навеви, вредат за вистински поларни истражувачи.

Петицијата за воведување вонредна состојба брзо собра преку 32000 потписи.

Речиси 120 мали градови и села беа целосно отсечени со снегот. Во вторникот властите соопштија дека се исчистени приодите до преку 40 населби, но дека останува уште многу работа.

Во Саратовската област во моментов се ангажирани преку 1150 возила за чистење снег за да колку-толку се држи ситуацијата под контрола. Околу 150 возила обезбедија руското Министерство за вонредни состојби и руската војска откако локалните власти испратија повик за помош.

Жителите на Саратов веќе видоа на улиците неколку возила какви што обично се користат за пробивање патишта во воени зони, како и оклопни транспортери со задача да им помагаат на автомобили заглавени во снег.

Властите на Саратов велат дека чистењето на снегот во градот веројатно ќе продолжи сѐ до напролет. За среќа, метеоролозите ветуваат дека до крајот на неделата градот ќе биде поштеден од понатамошни врнежи.