Зошто Путин не го фаќаат странските разузнавачки служби и пранкерите?

Алексеј Никољски /Sputnik
За 19 години, колку што е на државниот врв, претседателот Владимир Путин никогаш не бил прислушуван, никогаш никој не ги има хакирано неговите лични податоци и никогаш „телефонските хулигани“ не разговарале со него, претставувајќи се лажно, како што тоа им го правеа на други државници. Поранешниот полковник на КГБ е одлично заштитен.

Владимир Путин не користи смартфон и месинџери, и ретко кога „се закачува“ на Интернет. Поради тоа Русите уште пред неколку години почнаа да се прашуваат како тој воопшто знае што е тоа, да кажеме, Јутјуб. За првпат рускиот претседател дури кон крајот на 2015 година јавно изјави дека на некој начин користи Интернет.

Кога во 2017 година Викиликс за првпат објави обемно количество податоци поврзани со сајбер-шпионажата која дојде од ЦИА, таму се најдоа пет скриени виртуелни точки за шпионажа под шифриран назив PocketPutin. Хипотетички со помош на овие точки можно е да се следат уредите што ги користи рускиот претседател, на пример компјутерот или мобилниот телефон, но кога би постоеле такви уреди. Тогаш Кремљ даде мошне краток одговор: „Треба да се земе предвид“ и додаде дека Вашингтон не го криел прислушувањето на руските функционери, така што Викиликс не мораше многу да се труди. Другите ги прислушуваа, но Путин не можеа. За странските разузнавачки служби или за пранкерите да стасаат до Путин, како што излегува, би морале да му пријдат мошне, мошне близу.

Смартфонот е за егзибиционисти

1 септември 2012 година. Рускиот претседател Владимир Путин гледа пренос од натпревар во џудо на Параолимписките игри во Лондон, и преку телефон ѝ честита на руската џудистка Татјана Савостјанова за освоениот сребрен медал.

„Користењето смартфон е еден вид доброволен егзибиционизам. Тоа е целосна транспарентност. Штом го земете во рацете смартфонот, вие без никаков сомнеж штиклирате потврда дека сте подготвени своите податоци да ги изнесете на увид на јавноста“, рече една (не толку одамна) портпаролот на претседателот на РФ Дмитриј Песков. Според тоа, претседателот не може да користи смартфони, „особено претседател на една толку голема земја како што е Русија“. Со прашањето за смартфонот новинарите го мачат портпаролот на Путин речиси секоја година, а неговиот одговор е секогаш ист.

Путин во врска со ова прашање се изјаснува поедноставно: „Кога би имал мобилен, тој никогаш не би престанал да ѕвони. Освен тоа, кога и дома ќе заѕвони телефонот, јас никогаш не ја кревам слушалката“. Ова го кажа уште во 2005 година, на почетокот на својот втор претседателски мандат, и оттогаш речиси ништо не е изменето. Освен тоа што сега е можеби потешко да се оствари телефонски контакт со него.

Како се шифрираат разговорите на Путин?

15 декември 2018 година. Рускиот претседател Владимир Путин разговара по телефон со Артјом Паљанов од Ленинградската област, тешко болното момче кое сакаше да го види Санкт Петербург од птичја перспектива.

Постои правило за кое не постојат исклучоци: за важни теми Путин како шеф на државата разговара само преку заштитена телефонска линија (оној старомоден жолт телефон кој стои на неговото биро). Неговата заштита е невозможно да се „пробие“ зашто гласот се кодира во дигитален сигнал со помош на сложен криптографски алгоритам. Потребна е година и пол за да се дешифрира тој алгоритам. А, бесмислено е да се дешифрира зашто тој алгоритам во текот на разговорот повеќепати во различни временски интервали го менува принципот на случаен избор. Овој систем го имаат направени руските стручњаци за безбедност. Ете зошто разузнавачките служби можеа да ја прислушуваат, да кажеме Ангела Меркел и нејзините уреди со американски делови и со американски софтвер, а Путин не можат.

Но, дури и она што е „невозможно“ и „бесмислено“ не е доволно за стручњаците за комуникации на Кремљ. Тие се задоволни само доколку прислушувањето е невозможно по законите на физиката. Затоа во 2015 година за развој на заштитена линија на квантна врска и за други проекти со квантна технологија од буџетот беа изводени 230 милиони рубли (речиси 3.5 милиони американски долари). И оваа технологија е веќе готова. Во ваков систем податоците се пренесуваат со помош на фотони, и за да се препознаат потребно е да се смени нивната состојба, а тоа е невозможно да се направи незабележливо зашто таква е природата.

Телефонски разговор со претседателот

Телефонски разговор со претседателот

Сигурно се сеќавате на познатата фотографија на која Доналд Трамп во Белата куќа преку телефон разговара со Путин, а околу него е собран куп помошници и советници. Во Кремљ такво нешто не се случува. На телефонските разговори на Путин понекогаш само присуствува помошникот за меѓународни прашања, и мошне ретко ресорен министер, ако, на пример, станува збор за нафта и гас. Освен тоа, некаде во Министерството на надворешни работи седи професионален преведувач кој е приклучен на истата линија. И никој друг.

Предлог за телефонски разговор најпрво се испраќа преку дипломатските канали на Министерството за надворешни работи или преку администрацијата на рускиот претседател. Директно на Путин можат да му телефонираат само неколку личности (како што е министерот за одбрана). Тоа се луѓе во чии кабинети стои ист таков жолт телефон за специјална линија. Но, и во таков случај најпрво се јавува секретарот или аѓутантот.

10 мај 2013 година. Рускиот претседател Владимир Путин од хеликоптер ги проверува главните олимписки објекти во долината Имерети во Сочи.

Од друга страна, Путин може да телефонира (по специјална линија, секако) од каде сака – од авион, од автомобил, од подморница или од омилените шуми во Република Тува. Често на посета во други држави со авионот на Путин лета уште еден авион за специјална врска. Дури и со тешко болното момче кое толку сакаше да влезе во авионот на Путин, претседателот разговараше преку таа заштитена линија.

На бирото на Путин стои и апарат со тастери на кои се запишани презимињата на луѓето на кои тој често им се јавува, како што се министрите и губернаторите.

Вака изгледа кабинетот на Путин во Кремљ

Еве како изгледа кабинетот на Путин во Кремљ

Најпознатите руски пранкери Вован и Лексус (тоа им се прекари) успеаја да измамат многу државници на други земји и други познати личности, така што им телефонираа и се претставуваа лажно. Го прејдоа, на пример, турскиот претседател Ердоган, украинскиот претседател Петро Порошенко, Елтон Џон... Велат дека засега немаат повод за таков телефонски трик со Путин, но и едниот и другиот им се добро познати на администрацијата на Путин. Згора на тоа, познати му се и на самиот Путин. Иако, тие се искрено убедени дека „постои определена шема која би можела да успее“. Па, ајде, момчиња, пробајте, можеби навистина ќе успее!

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња