Кои се главните сојузници на Русија?

Русија не е дел од моќните воени алијанси како што е НАТО, но сè уште има политички и економски партнери во целиот свет. Со определени земји има потпишано воени спогодби, а со други изведува заеднички маневри.

„Русија има само две сојузнички – својата армија и својата морнарица“, рекол императорот Александар Трети. Овој цитат од 19 век и денес е мошне популарен кога Русите сакаат да истакнат дека на меѓународната политичка сцена, особено во тешките времиња, Русија може да се потпре само на сопствените сили. Значи ли тоа дека не постои земја со која Русија е во пријателски односи?

Дури и претседателот Владимир Путин на прашањето поврзано за сојузниците на Русија во 2015 година го цитираше Александар Трети, но брзо излезе дека тоа е шега и дека Русија секако има сојузници надвор од своите граници. Кои се тие земји?

Постсоветски сојуз

Кандидатот за премиер на Ерменија Никол Пашињан и претседателите на Белорусија Александар Лукашенко, на Киргистан Соронбај Женбеков, на Казахстан Нурсултан Назарбаев, на РФ Владимир Путин, на Таџикистан Емомали Рахмон и в.д. генерален секретар на ОДКБ Валериј Семериков.

Доколку зборуваме за земјите со кои Русија има потпишано правно обврзувачки договори за заедничка одбрана, тогаш тоа се пред сè членовите на Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ). Тоа е меѓувладина алијанса формирана во 1992 година која сега опфаќа шест постојани држави: Русија, Ерменија, Белорусија, Казахстан, Киргистан и Таџикистан.

Според Уставот на ОДКМ една од целите на оваа организација е „обезбедување колективна одбрана доколку е загрозена безбедноста, стабилноста, територијалниот интегритет и суверенитет“ на државите-членки. Во документот е нагласено дека членките најпрво прибегнуваат кон политички средства за постигнување на целите, но ОДКБ сè уште може да се пофали со здружениот контингент кој брои околу 25.000 војници.

Воени договори

Војници на Вооружените сили на Белорусија на генералната проба на воената парада во чест на 70-годишнината од победата во Големата татковинска војна 1941-1945.

Единиците на ОДКБ никогаш не биле ангажирани во борбени дејствија, но оваа организација редовно изведува воени маневри. На прашањето кои биле сојузници на Русија во 2018 година портпаролот на Путин Дмитриј Песков на прво место ги спомена членовите на ОДКБ.

Уште две земји имаат правно обврзувачки договори со Русија. Тоа се Абхазија и Јужна Осетија. И едната и другата се самопрогласени републики кои ги признаваат само пет членки на ОН, вклучувајќи ја и Русија. Москва на овие републики им гарантира заштита, а тие од своја страна се обврзани да ѝ помагаат на Русија во случај на воен напад, иако нивните воени можности се многу поскромни.

Кои се останатите?

Покрај набројаните земји со кои Русија има воени договори, постојат и други држави кои понекогаш се третираат како сојузници на Русија, иако со нив нема потпишано никаков официјален договор. Ќе ја земеме за пример Сирија. Очигледно е дека Русија ѝ помага на владата на Башар ал Асад и во воена и во политичка смисла. „Секако, Сирија е наш сојузник“, рече Песков. „Колку што мене ми е познато ние немаме документ за сестрани сојузнички односи“.

Претседателот на РФ Владимир Путин и претседателот на Сирија Башар ал Асад.

Друг пример е Кина. Овој азиски економски џин е член на БРИКС и на Шангајската организација за соработка (ШОС). Тоа се економски алијанси во кои учествува и Русија. Освен тоа, руската армија редовно изведува заеднички маневри со кинеските колеги. Коментирајќи една таква воена вежба, во 2018 година Песков рече дека Кина е сојузник на Русија.

Руски и кинески маринци на заеднички тренинг на полигонот во Горностај во Приморскиот крај. Тренингот се одвива во рамките на копнената фаза на маневарот „Поморска соработка 2017“.

Но, политиколозите сметаат дека тоа е премногу силен збор. Сергеј Караганов, кој е на чело на Советот за надворешна и одбранбена политика, вели: „Нашите земји се сè поблиски една до друга, но (целосен) воено-политички сојуз е невозможен. Русија не сака да биде помлад партнер на Кина, а не може да биде постар. Според тоа, работите се такви какви што се“.

Како потенцијален сојузник може да се смета и Индија. Руско-индиските односи во голема мера се слични на руско-кинеските врски: Индија исто така стана член на БРИКС и на ШОС, исто така изведува заеднички воени вежби со Русија и со задоволство купува руска воена опрема. Но, и тука постојат извесни проблеми. На пример, според политикологот Александар Храмчихин „Русија се обидува да ја вовлече Индија во трилатерална алијанса со Кина, а Индија е всушност заинтересирана за сојуз против Кина“. Со други зборови, односите во овој триаголник се прилично сложени зашто секоја држава, пред сè, ги штити сопствените национални интереси.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња