Владимир Путин на божиќната литургија отиде во Спасо-Преображенската црква која спаѓа меѓу најпосетените храмови на Санкт Петербург.
Црквата е изградена по налог на царицата Елисавета Петровна. Путин во овој храм го дочека Божик и 2012 година и притоа раскажa дека во неа како дете бил крстен.
Рускиот лидер им го честиташе Божик „на православните верници и на сите граѓани на Русија кои го празнуваат Раѓањето Христово“ и им посака „здравје, успех и благосостојба“.
„Овој прекрасен празник им дарува на луѓето радост и надеж, ги обединува околу вечните духовни и морални вредности, околу традицијата на милосрдие и добродетелство“, се наведува во честитката објавена на официјалниот сајт на претседателот на Русија.
Путин во честитката со задоволство нагласи дека „Руската православна црква и другите христијански конфесии имаат голема, позитивна улога во животот на нашата земја, се грижат за народната слога, јакнењето на институцијата семејство и воспитувањето на младината“.