Најважен настан во 2018 година за Русите е отворањето на Кримскиот мост

most.life
Секој втор учесник во анкетата смета дека 2018 година за него лично била успешна.

Околу половина од граѓаните на Русија смета дека најважни настани во изминатава година биле отворањето на Кримскиот мост и пензиската реформа, а мнозинството испитаници оценуваат дека 2018 година во целина за нив била добра, покажуваат резултатите од анкетата на „Левада-центарот”, пренесува „Интерфакс”.

Социолошкото истражување покажува дека 47% руски граѓани сметаат дека најважен настан изминатава година било отворањето на Кримскиот мост, додека 46% испитаници посебно значење му придаваат на воведувањето на измените во пензискиот систем на Русија.

Преку третина од анкетираните како најважен настан во изминатава година ги гледа изборите за претседател на Русија (37%), одржувањето на Светското првенство во фудбал (36%) и пожарот во трговскиот центар „Зимска вишна“ во Кемерово (34%), објавија социолозите.

Според податоците на „Левада-центарот”, 28% испитаници ја издвојуваат трагедијата поврзана со убиствата во Керченскиот политехнички колеџ, додека секој четврти граѓанин на Русија посебно значење му придава на инцидентот во Керченскиот теснец и воведувањето воена состојба во Украина.

22% испитаници, според резултатите од анкетата, меѓу најважните настани ги вбројува воените дејствија во Сирија, вклучувајќи го и соборувањето на рускиот извидувачки авион во септември.

Секој петти испитаник, според податоците на „Левада-центарот“, како најважен настан на годината ги издвојува Зимските олимписки игри во Јужна Кореја, каде руските спортисти настапија под неутрално знаме.

19% испитаници, според социолозите, како најважен настан го истакнува продолжувањето на конфликтот на истокот на Украина.

Акциите на протест во врска со промените во рускиот пензиски систем ги издвоија 16% испитаници, а ист процент смета дека е посебно значајна ситуацијата во врска со Украинската православна црква.

Секој десетти граѓанин на Русија смета дека најважните настани во изминатава година биле регионалните и локалните избори на 9 септември, соопштуваат социолозите.

Според резултатите на анкетата, бројот на граѓани на Русија кои сметаат дека 2018 година била потешка од претходните е четири пати поголем од бројот на оние кои сметаат дека изминатава година била полесна од 2017. Податоците на „Левада-центарот“ покажуваат дека 45% испитаници сметаат дека изминатава година за нив била потешка од претходната, додека 11%, напротив, сметаат дека била полесна. 44% испитаници, како што истакнуваат социолозите, не сметаат дека 2018 година се разликувала по нешто од претходната.

Според податоците на социолозите, 57% испитаници сметаат дека за нив лично годината била успешна, додека 31% анкетирани имаат спротивно мислење. 13% испитаници, како што наведуваат социолозите, не можат да оценат колку 2018 година за нив била успешна или неуспешна.

Прочитајте повеќе: Погледнете како изгледа од вселената Кримскиот мост во завршницата на изградбата

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња