Петте најпознати фрикови во Русија

Запознајте го семејството сатанисти кадешто е роден Луцифер, „принцот на синтолот“ и други необични граѓани на Русија кои станаа познати благодарение на скандалозниот начин на живот и на експериментирањето со своето тело.

1. Најпознатото семејство фрикови

Александар Шпак (39) е можеби најпознатиот „фрик“ во Русија. Претходно бил обично момче од Санкт Петербург, а во 2005 година целосно го сменил својот изглед. Ја напуштил работата на чувар, го истетовирал целото тело, ги наполнил усните, пуштил нокти и ги надградил очниците, ставил силикони во градните мускули и во „дебелото месо“, направил неколку процедури на липосукција и има направено пластична операција на челната коска и на горниот дел од очните капаци.

Во новиот имиџ има останато сосема малку од некогашниот Александар. Сега овој санктпетербуржанец се шминка упадливо и ги шокира луѓето со своето слободно облекување.

Неговата сопруга Ирина (четврта по ред) во целост го прифаќа изгледот на својот сопруг, но таа лично не сака да се тетовира. Се согласила само да направи пластична операција на градите и на лицето.

Александар Шпак заработува така што организира тренинзи за бодибилдинг и води мошне популарен Инстаграм, каде главно зборува за подготвување различни јадења.

Тој вака ја коментира промената на изгледот: „Тоа момче беше 'фино момче'. Можеше да стане добар чувар и телохранител, а што понатаму?

2. Раце-базуки

Кирил Терешин (22) од Пјатигорск стана познат низ цела Русија благодарение на неконтролираната желба да ги зголеми мускулите на рацете. Немал доволно пари за скапиот препарат „синтол“, кој се користи за зголемување на обемот на мускулите, па затоа според сопствен рецепт направил смеса од супстанци што ги имал на располагање. „За да добијам вакви раце какви што имам сега, би морал да вбризгам околу шест литри, а тоа се 200.000 рубли. Затоа морав да барам други варијанти“, раскажа Терешин на едно популарно телевизиско шоу.

Во своите мускули вбризгал шест литри смеса од маслиново масло, бензил алкохол и лидокаин. Тоа е груба имитација на составот на синтол, но со оглед дека смесата е направена во домашни услови, со оглед на неконтролираното вбризгување и игнорирањето на мислењето на лекарите, Кирил се соочува со сериозни здравствени проблеми. „Синтол“ направен дома врши притисок на нервите на рацете поради што мускулите се вкочанети, а на кожата му се појавиле измени така што има добиено нездрава виолетово-црвена нијанса.

Лекарите ја следат здравствената состојба на Терешин, а тој заработува 3.000 рубли (45 американски долари) со испраќање видеопоздрав на секој што сака. Тој самиот раскажува како на самиот почеток, кога само што станал популарен, на видеопоздрави заработувал во просек 36.000 рубли (530 американски долари) дневно.

3. Првата тетоважа на очите во Русија

Иљја Губарев сакал да го промени името и да се вика „Bomber“, но помислил дека на неговото дете би му било тешко да живее со таков патроним (оттатково име). Затоа се премислил и го истетовирал својот прекар од детството на лицето и над двете веѓи.

Тоа не му било доволно, па го истетовирал речиси целото лице, а потоа дошол на идеја да си вбризга боја во очите.

„Отприлика една и пол година се подготвував за таква тетоважа. На Запад веќе постоеше слична практика, па затоа по телефон се консултирав со Америка, со еден офталмолог, и на крајот сè излезе одлично“; вели Губарев.

Во овој контекст зборот „одлично“ значи дека покрај раздвоениот јазик, надградените надочници и тетоважите на лицето, овој „Бомбер“ добил и целосно црни очи... Сега овој 32-годишник живее во Тољати и дава услуги за тетоважи на жителите на овој град, а исто така води и свој канал на Јутјуб.

4. Човекот-клунар

На руската телевизија 30-годипниот Евгениј Болотов е прикажан како „најстрашниот човек во Русија“.

Евгениј има дупнат нос така што на него може да закачи мошне тешки и масивни „украси“. Покрај тоа, ја има проширена долната усна и во неа има направено голем „тунел“, па тоа заедно со масивниот пирсинг на горната усна му го отежнува говорот, така што тешко може да се разбере што зборува тој.

За разлика од многу други „фрикови“ кои горко се покајале поради експериментирањето, Евгениј Болотов се гордее со модификациите на своето тело. „Сметам дека тоа е уметност“, вели тој. И Болотов навистина себеси се доживува како уметник кој ја остварува визијата за својот изглед. Како што вели самиот, тој нема да се задоволи со постигнатиот резултат и „уште повеќе ќе ја растегне усната“.

5. Семејството сатанисти во кое е роден Луцифер

Константин и Наталија Меншикови се сатанисти од Перм. Го привлекоа вниманието на руската јавност уште во текот на церемонијата на склопувањето брак. Невестата беше облечена во бунда со боја на крв со зелена „ирокез“ фризура и со зелени вештачки трепки, додека младоженецот гордо позираше во црна виндјакна со пентаграм.

Уште поголемо внимание привлекоа кога на своето новородено дете му го дадоа името Луцифер. „Маж ми сакаше така да го викаме синот. Јас на почетокот сметав дека тоа е претерано, но породувањето беше тешко – Луцик го изгуби здивот и веднаш беше приклучен на апарат за вештачко дишење, па така помина еден ден и една ноќ. Тогаш му се обратив за помош на Луцифер и му ветив дека ако детето преживее ќе го викам како него. Тогаш Луцифер стана заштитник на нашиот син“, вели Наталија за рускиот портал „Комсомољскаја правда“.

Во матичната служба се обиделе да ги убедат родителите да се откажат од таквата одлука, но тие инсистирале на избраното име. За одбивање на нивното барање не постоеле законски основи. „Се потрудивме да ги убедиме родителите дека таквото име подоцна може да биде повод за потсмевање од страна на врсниците, немавме официјална основа да ги одбиеме“, го коментира овој случај Татјана Тужилина, началник на матичната служба на Кировскиот реон на Перм.

По една година Константин и Наталија добиле уште еден син и му го дале името Волдемар. Сепак, ниту заедничките деца, ниту мрачните сили не успеаја да им го спасат бракот. Како што соопштуваат медиумите, Константин ја оставил жена си со двете деца и заминал кај друга жена која е исто така сатанист.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња