Дваесетгодишниот Кирил Терјошин од Пјатигорск, град на југот од Русија, познат е и како „Руски принц на синтолот“, „Мистер Синтол“ и „Синтол-витез“. Неговите бицепси се меѓу најголемите на светот, но, како што може да се заклучи од прекарот, не ги добил поради тоа што вежба, ами зашто си вбризгува синтол во мускулите. Синтолот е супстанција која е составена 85 отсто од масло, 7.5 отсто лидокаин и 7.5 алкохол.
Вбризгувањето синтол наместо вежбање, може да ги зголеми рацете до бизарни димензии, но не носи и сила. Оваа практика се третира како допинг е забранета во професионалниот спорт.
Луѓето се навлекуваат на вбризгување синтол, иако тоа е мошне опасно. Последиците можат да бидат некроза на ткивата, емболија, инфаркт на белите дробови, инфекции, па дури и ампутација на екстремитетите. И покрај сево ова, „синтол-фриковите“ ништо не може да ги спречи.
Терјошин започнал да се занимава со бодибилдинг откако го отслужил воениот рок. Го избрал покусиот пат, односно синтолот. И самиот признава дека е мрзелив. „Сакам сѐ веднаш, ме мрзи да тренирам, а исто така и да јадам соодветно и да спијам колку што треба“.
На својот Јутјуб и Инстаграм профил, тој себеси дури и се нарекува „забошотувач“ („slacker“). „Синтолот е сигурен, но сите се кукавици. Никој не е храбар да го подобри своето тело“, вели Терјошин. Секако, тој себеси се смета за храбар.
Идол му е бразилскиот бодибилдер кој себеси, исто така, си вбризгува синтол, Ромарио Дос Сантос Алвес, кој својот горен дел од телото веќе го „наполнил“ со синтол. Но, запрел кога лекарите во 2013 година му соопштиле дека би можел да ги изгуби рацете.
Терјошин ги игнорира советите на лекарите.
Терјошин и понатаму планира да ги зголемува рамената, градите и нозете. Тој исто така сака да го истетовира целото тело, да ги избели забите како да се вампирски и да ја промени бојата на очите.
„Ќе бидам популарен низ целиот свет. Никој нема да може да има тело како моето“, им порачува на оние што го следат на Јутјуб. „Мојата цел и мојот сон е да се разликувам од сите останати“, додава тој.
Терјошин стана медиумска атракција за која веќе има напишано неколку статии, а се има појавено и во голем број телевизиски емисии.
На својот Јутјуб канал и на профилот на Инстаграм има голем број луѓе што го следат, но не сите се љубители на неговиот лик и дело. Секое видео е буквално бомбардирано со стотици негативни коментари, некои му велат едноставно да престане, а други дека неговата приказна нема да заврши добро.
Луѓето во неверување слушаат дека мислењето на лекарите не го интересира. Некои професионални спортисти исто така му советувале да престане. Кога станува збор за родителите, тие не ја оправдуваат неговата радикална трансформација. Но, Терјошин не планира да престане.
Тој е уверен дека синтолот е сигурен: „Дајте ми барем еден пример каде некому му ампутирале рака во последниве 40 години колку што синтолот се користи во светот“.
Но, лекарите не се сложуваат. Во една телевизиска емисија во која учествуваше Терјошин, лекарот му рече дека му се создаваат апсцеси (гнојни воспаленија), и дека во најлош случај би можело да дојде до ампутација на раката.
Кирил Саричев, руски пауерлифтер и повеќекратен светски рекордер, му понудил на Терјошин бесплатни тренинзи, за да му помогне да го изгради своето тело на природен начин, но под услов да престане да зема синтол. Терјошин ја одбил понудата. Да се надеваме дека ќе се вразуми.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче