Свештениците-падобранци кои служат во Воздушно-десантните сили (ВДВ) кон средината на март наредната година во Рјазањ ќе поминат специјален курс за обука за употреба на авиодесантен православен храм, соопшти за РИА „Новости“ претставникот на Министерството за одбрана на РФ за ВДВ, мајор Ирина Круглова.
Се работи за црква на склопување која се десантира со падобран за да можат војниците да следат служба каде и да се наоѓаат. Необичниот храм е опремен со сѐ што е потребно: мала купола, крстови, иконостас и камбани.
„За оваа потреба главен предмет на истражувањето ќе биде падобранскиот систем со повеќе куполи, со чија помош се десантира оклопната борбена техника. Запознавањето со сите аспекти на нивната работа е неопходно за свештените лица кои служат во ВДВ успешно да ја поминат обуката за употреба на овој единствен објект во светот“, истакна Круглова.
Според неа, во текот на оваа обука свештените лица-падобранци ќе се запознаат со сите падобрански системи, вклучувајќи ги и елементите на нивна практична употреба на специјалните полигони кои се наоѓаат во рамките на воздушно-десантниот комплекс на Рјазањскиот падобрански центар за обука.
„Круна на воздушно-десантната обука на свештените лица кои ќе бидат дел од ВДВ се падобранските скокови кои ќе бидат изведени заедно со инструкторите на Рјазањскиот центар на воениот аеродром Дјагилево-Рјазањ“, рече соговорничката на рускиот информативен портал.
Круглова истакна дека на оваа падобранска средба, која ќе се одржи од 12-17 март 2019 година, ќе земат учество десет свештени лица кои служат во ВДВ. Иако добар дел од нив се почетници, ќе учествуваат и свештеници кои се исклучително искусни во оваа работа и кои досега имаат насобрано преку 500 падобрански скокови.
Аеромобилниот православен храм се состои од два дела: шатор на надувување со специјален минијатурен црковен прибор и приколка со модул за обезбедување. Храмот се десантира со помош на стандардната платформа за десантирање на оклопната техника на ВДВ ВДВ П-7. При подготовката за десант на ова платформа се монтираат специјални кутии во кои се наоѓа црковниот прибор неопходен за верска служба, шаторот и модулот за обезбедување. Модулот се состои од дизел-генератор со сила од 6 киловат-часови, кој во себе има фрижидер и клима-уред кои создаваат специјални услови за одржување на црковниот прибор. Покрај тоа, аеромобилниот храм ќе има мултимедијален блок- минијатурно кино, кинопроектор, звучници и друга помошна техника.
Според информациите на ВДВ, од есента 2011 година меѓу падобранците е присутен зголемен интерес за вршење на редовна верска служба во единиците. До денес овој процент во единиците на ВДВ ја достигна бројката од дури 90% војници и офицери кои се верници во однос на вкупниот состав.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче