Пред Хабиб Нурмагомедов да ја прелета оградата на октогонот на УФЦ како некаков орел (а, така го викаат) и пред да се истепа со членот на тренерскиот штаб ирскиот дрдорко, го натера фаворизираниот Конор Мекгрегор да се предаде, стегајќи му ја „јаката“ околу врат, поточно околу вилицата.
Во Дагестан, татковината на Хабиб, резултатот од оваа борба никого не изненади. Дагестанците велат: „борењето е пресудно“. Тие свето веруваат во тие зборови, учат да се борат штом проодат, а нивниот најобичен тренинг личи на гладијаторски борби за живот и смрт.
„Борењето е пресудно“
Најголемиот неуспех во кариерата на Шамиљ Алиев (40) се изгубените Олимписки игри во Атина во 2004 година. Младиот и амбициозен борач се надеваше на злато и ги поседуваше сите потребни квалитети. Но, во најважниот момент направи утка и ја изгуби борбата.
Тренерот на Шамиљ Алиев
Денес, 14 години подоцна, Алиев повторно мечтае за олимпиското злато, но за своите ученици. Шамиљ е тренер во најпознатата дагестанска школа за борење „Гамид Гамидов“. Децата и младите кои сонуваат за олимписките победи тренираат тука неколку пати на ден, со мали паузи за одмор и за сон. Целиот живот во Дагестан, од семејните односи до економијата, е организиран така да се создадат што повеќе шампиони во борење, во самбо и во мешовити боречки вештини.
„Кога некој тренира борење, му помагаат роднините и браќата, чичковците и вујковците, сите, само да продолжи да тренира, и во главата да му биде само борењето. Поинаку и не може да биде. Во борбата без правила борењето е пресудно. Хабиб им го покажа тоа на сите“, вели Саид Гамидов (23), јуниорски светски шампион во борење и син на Гамид Гамидов, кој беше министер за финансии на Република Дагестан во деведесеттите години од минатиот век, а самиот беше борач и загина во терористички напад во август 1996 година. Синот сега тренира во школата што го носи името на неговиот татко.
Саид Гамидов во сино
Аматерскиот спорт не носи речиси никаква заработка, но на Дагестанците не им е жал да вложуваат огромни суми пари во младите спортисти. Доколку некој во семејството се занимава со борење, поблиските и подалечните роднини се едноставно должни да го поддржат, дури и ако нивната инвестиција не им се врати.
„Не очекувајте резултати од спортист кој ќе се вработи некаде. Резултатите ќе ги видиме само доколку тој е посветен на спортот“, вели Гамидов.
Во релативно сиромашната република борењето навистина привлекува големи инвестиции, па и на државно ниво. А, со спорт се занимаваат сите: и оние што возат „бесни“ странски коли, и оние кои себеси можат да си дозволат само „Лада“.
„Вака трчаме трипати неделно“, вели човекот зад воланот на „Ленд крузер 200“. Пред автомобилот по нагорнина трча синот на возачот кој тренира кај Алиев.
Долгите и напорни тренинзи на планините на чист воздух почнуваат точно во седум наутро седум дена во неделата. Затоа Дагестанците кои сериозно се занимаваат со борење нема кога да учат на училиште или да одат на работа.
Но, најсилните и најталентираните секогаш имаат можност да преминат во тимот што го доведе и Хабиб Нурмагомедов до шампионската титула на УФЦ.
Eagles MMA
Една од двете сали во кои шампионот тренира се наоѓа на самиот крај на Махачкала. Тука искусните борци на клубот Eagles MMA, чиј член е и Хабиб, тренираат со момчињата што ќе ги наследат.
Се смета дека едно момче мора да има мошне големо искуство во борење пред да почне да тренира во клубот Eagles MMA. „Најважно за еден борец на Eagles MMA е да биде искусен борач. На борењето му се посветува 10-12 години, а потоа може да премине во Eagles MMA“, вели Абдурахман Гитиновасов (28), еден од спаринг партнерите на Хабиб.
Гитиновасов сега се подготвува за борба со Абдусамад Сангов на турнирот „Битката за Волга“ во Самара во декември годинава. Но, доцна навечер, откако завршува со своите тренинзи, тој ги тренира помладите.
На прв поглед скромната сала му припаѓа на таткото на Хабиб и тренер Абдулманап Нурмагомедов. На огромен постер, еден од ретките украси тука, Абулманап, мајстор на спортот на СССР во борење во слободен стил и постар тренер на репрезентацијата на Дагестан во боречко самбо е во друштво со своите ученици од клубот Eagles MMA. На другиот постер е неговиот син.
Во моментов се вежба бокс. Поголемиот дел од учениците се искусни борачи, а во школата на Абдулманап доаѓаат за да ги усовршат токму ударите. Тренингот изгледа прилично опасно.
Се користат лесни ракавици за ММА. Спортистите како да презираат каква било дополнителна заштита. Шлемови ставаат само најмалите, децата до 12 години.
Не минува ниту една минута, а некој да не отиде во нокаут. Како и во вистинската борба на ММА тренерот не ги запира борачите, ами вреска на оној што не го докусурил противникот. „Зошто запре?! Скокни на него! Гледаш дека се затворил, се обидува да си дојде на себе. Фрли го тој на под“, вика Гитиновасов на едно момче кое претходно со удар по вилицата го зашемети својот соперник.
Сите се трудат да го слушаат тренерот. Често се гледа како момче од десет години удира спаринг партнер кој веќе лежи на земја. А, кога тренерот ќе види дека некои двајца веќе подолго време се превртуваат на подот, ги тера да станат и да продолжат со удари со тупаница.
Салата е преполна. Некои спортисти по тешкиот удар паѓаат директно во рацете на своите татковци кои дошле да ги гледаат.
Пари
Нешто што би ги оставило без зборови и најискусните борци е всушност најобичниот тренинг на дагестанската младина со членовите на клубот Eagles MMA. Но, токму во оваа фаза доаѓа до израз мотивацијата наречена пари – во борбите без правила се заработува вистинско богатство. Самите борци не сакаат да зборуваат за тоа колкави се тие, но само еден настап во октогонот може да чини десетици и стотици илјади долари, а да не зборуваме за заработката до која дораснал Хабиб Нурмагомедов.
Од овие хонорари може да се живее. ММА им овозможува на борците нормална заработувачка“, вели Гитиновасов кој настапува барем четири пати годишно.
Можеби и оние роднини кои долги години вложуваат во талентираните борачи на овој начин ја враќаат својата инвестиција? Или барем се надеваат дека ќе ја вратат зашто не може секој да дојде во тимот на Абдулманап Нурмагомедов. Конкуренцијата е голема, така што дури и оние кои не се во состојба да покажат особени резултати во Дагестан успешно настапуваат за други држави.
„Тука живеат темпераментни луѓе. Тие сакаат да се натпреваруваат од детство. Мислам дека тоа го имаме наследено од нашите предци“, вели Шамиљ Алиев кога го прашуваат како тоа борењето станало дагестански национален спорт.