Претседателот на Русија Владимир Путин го провози својот египетски колега Абдел Фатах ал Сиси по тркачката патека во Сочи во еден од новите автомобили „Аурус“ од својот претседателски конвој.
Претседателите на двете држави по завршените разговори се упатија кон Олимпискиот парк во Сочи, на патеката „Сочи Автодром“ на која се одржува автомобилската трка за Формула 1 „Големата награда на Русија“. Путин му го покажа на Ал Сиси новиот автомобил од познатиот проект „Кортеж“ „Aурус Сенат“. По разгледувањето на возилото шефот на египетската држава предложи да се испроба автомобилот во возење. Претседателот на Русија потоа седна зад воланот и лично го провози по тркачката патека египетскиот колега.
Како што е соопштено на официјалниот сајт на рускиот претседател, Сиси имал можност да се запознае и со минивенот „Aурус Aрсенал“.
Инаку, првиот модел на новата руска марка автомобили „Аурус Сенат“ беше претставен неодамна на Саемот на автомобили во Москва. На почетокот на идната година се очекува од производство да излезе прототипот на кросоверот, додека датумот на почеток на неговото сериско производство е сѐ уште непознат. Најдоцна до мај 2020 година од производната лента ќе излезе кабриолетот „Aурус“ кој ќе се користи во дефилето на Парадата на Победата на 9 мај.
„Аурус“ е новата руска марка автомобили од премиум класата создадена во рамките на проектот „Единствена модуларна платформа“ („Кортеж“). По нарачка на Министерството за трговија и индустрија на РФ проектот го реализира Централниот научноистражувачки и автомото институт НАМИ во партнерство со рускиот холдинг „Солерс“. Моделите од оваа линија автомобили ги добија имињата според кулите на Кремљ - лимузината и седанот се наречени „Сенат“, теренецот „Командант“, а минивенот „Арсенал“, потсетува сајтот, наведувајќи дека „Сенат“ и „Арсенал“ веќе се користат во претседателскиот конвој. Лимузина беше претставена во јавност на инаугурацијата на рускиот претседател на 7 мај оваа година.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче