Ако стане домаќин на Зимската олимпијада Турција предлага дел од игрите да се одржи во Сочи

Алексеј Малгавко/Sputnik

Губернаторот на Ерзурум Сејфетин Азизоглу изјави дека Турција, доколку ја добие организацијата на Зимската олимпијада 2026 година, ќе предложи дел од Игрите да се одржи во Сочи. Станува збор за турнирите во скелетон, боб и санкање.

„Вложуваме огромни напори за да станеме домаќини на Олимпијадата. Сметаме дека Ерзурум може да го направи тоа заедно со Сочи. Таму постојат патеки за санкање кои во Ерзурум ги нема. Тоа се огромни инвестиции, а бидејќи споменатите објекти веќе постојат во Сочи, би можеле заедно да ги организираме игрите во тој дел“, рече Азизоглу, пренесува „Хуриет“.

Иако не се работи за официјално упатен предлог, изјавата на турскиот губернатор дадена на средбата со рускиот амбасадор во Анкара Алексеј Ерохов предизвика големо медиумско внимание.

„Ние сме апсолутно за, иако тоа е повеќе политичко и државно прашање“, рече извршниот директор на Руската санкачка федерација Станислав Тјурин за медиумите и додаде дека од аспект на логистиката идејата е остварлива. Како што истакна тој, спортистите за три часа би можеле да стигнат „од еден до друг објект“, односно од Турција во Русија.

„Доколку Ерзурум ја добие организацијата, Турција би имала голема полза од одржувањето на Игрите, затоа што патеките за санкање и боб се убедливо најскапите објекти на Олимпијадата и тоа е секогаш така“, рече Тјурин, истакнувајќи дека на Турција не ѝ одговара да гради патека бидејќи се работи за спортови кои во оваа земја не се доволно застапени.

Членот на Комитетот за спорт на руската Дмитриј Свишчев изјави за „Спорт експрес“ дека заедничкото одржување на Олимпијадата би можело да придонесе токму за она што е клучно во спортот, а тоа е поврзувањето на народите на светот.

Доколку Зимската олимпијада биде одржана во Русија и Турција кои не се граничат по копнен пат, туку ги дели море, тоа ќе биде случај без преседан во историјата на светскиот спорт, пишува „Спорт Експрес“.

Домаќинот на Зимските олимписки игри 2026 година ќе биде познат во септември наредната година. За организација на Игрите конкурираат Ерзурум (Турција), Стокхолм (Шведска), Калгари (Канада) и Италија (Милано, Торино и Кортина д' Ампецо,). Рускиот град Сочи беше домаќин на Зимските олимписки игри 2014 година. По тој повод беа изградени стадионот „Фишт“, Ледената сала „Бољшој “, ледената арена „Шајба“, ледената сала „Ајсберг“, патеката за санкање и боб „Санки“ и уште многу објекти кои се покажаа како извонредни.

Прочитајте повеќе за Сочи по Олимпијадата: спортски туристички рај

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња