Активната фаза на големите воени маневри на руската армија „Восток-2018“ ќе се одржи во периодот од 11-17 септември на девет воени полигони и на подрачјето на Јапонското, Беринговото и Охотското море. Ова го соопшти министерот за одбрана на Руската Федерација Сергеј Шојгу, пренесува информативниот портал ТАСС.
„Ќе кажам два-три воведни збора за стратешката воена вежба „Восток-2018“. Во подготовката пред почетокот на оваа вежба бие извршивме комплексна проверка на борбените состави кои се наоѓаат во единиците на Централниот и Источниот воен округ, Северната флота, Воздушно-десантните единици, стратешката и военотранспортната авијација“, истакна Шојгу.
Според него, во текот на таа проверка голем број на единици се распоредени на за нив потполно непознати локации и воени полигони каде морале да решат одреден број на задачи. „Авијацијата доби задача да дејствува во зони кои се наоѓаат во максималниот радиус на ангажираните борбени летала, каде мораа да извршат и дополнување на гориво во воздух за да се вратат во оперативните места на своето базирање. Воените бродови и останатите поморски средства во воена формација изведуваа маневри на отворено море и редовни ги извршуваа своите вежбовни гаѓања“, истакна првиот човек на руското Министерство за одбрана.
Министерот напомена дека овие маневри се еден од најкрупните настани од тој вид во историјата на руската армија. „Во вежбите ќе учествуваат околу 300 илјади војници и офицери, повеќе од 1000 авиони, хеликоптери и беспилотни летала, околу 80 бродови и помошни пловни средства, 36 илјади тенкови, оклопни транспортери и други средства за различна намена“, нагласи Шојгу.
„На еден од нашите полигони во Источниот воен округ (воениот полигон Цогул) ќе учествува и кинески воен контингент од составот на Народноослободителната војска на Кина, со вкупна јачина од 3500 луѓе“, напомна министерот.
Овој комплекс на масовни воени маневри како резултат ќе има унапредување на општата и специфичната обученост на војниците и офицерите во сите три вида на руската армија, кои во содејство ќе делуваат на стратешкиот источен правец на одбраната на Руската Федерација, вклучувајќи го тука и целосното покривање на морските и океанските реони кои ги заплискуваат источните руски брегови.
Шојгу исто така ја извести јавноста дека Министерството за одбрана на РФ ќе организира брифинзи за странските воени претставници за сите прашања поврзани со одржувањето на воената вежба „Восток-2018“. „Им наложив на началникот на Генералштабот генерал на армија Валериј Герасимов, потоа на заменик-министерот за одбрана генерал на армија Дмитриј Булгаков, како и на генерал-полковник Александар Фомин на 6 септември да го одржат првиот брифинг за вежбата „Восток-2018“ за сите странски воени аташеа акредитирани во Москва, вклучувајќи ги и претставниците кои доаѓаат од земјите на НАТО“, рече министерот.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче