Во Русија потрошувачката на алкохол по глава на жител во последниве 12 години падна за 40%, иако е и понатаму висока, истакна началникот на Федералната служба за регулирање на пазарот на алкохол (Росалкохолрегулирование) Игор Аљошин.
Намалувањето на потрошувачката на алкохол е постигнато делумно благодарение на мерките кои ги презеде службата за регулирање на пазарот на алкохол, рече Аљошин во интервју за РИА „Новости”.
„Во рамките на надлежноста на службата се користат неколку инструменти со цел промена на структурата и намалување на потрошувачката. Тоа се: контрола на почитувањето на прописите за минимални цени, воведување на систем за обележување на потеклото на алкохолот, борба против илегалното производство и трговија со алкохол, како и контрола на почитувањето на државните стандарди и технички услови“, објасни тој.
Меѓутоа, истакна Аљошин, нивото на потрошувачка на алкохол во Русија и понатаму е високо.
„Прашањето на потрошувачката не е поврзано само со количинските показатели, туку и со показателите за квалитет. Очигледно е дека консумацијата на сурогати на алкохол е неприфатлива и ние мораме плански да се бориме против нивната потрошувачка“, додаде тој.
Претходно научници од Универзитетот „Вашингтон“ во Сиетл докажаа дека не постои нештетна доза на алкохол, а во јули истражувања во САД покажаа дека во оваа земја значително пораснал бројот на смртни случаи предизвикани од заболувања на црниот дроб.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.