Во ноември-декември 2015 година низ Русија тргна уште еден бран труење со неквалитетен алкохол. Најтрагичен беше случајот од Краснојарск (3.350 километри од Москва), каде како резултат на консумирање на фалсификувано виски кое содржи метил алкохол, починаа 14 лица.
Веднаш по труењето во Владата беше подготвен амандман на законот за трговија, со кој се зголемуваат ингеренциите на регионите во сферата на контролата на продажба на алкохолни производи.
Руските региони веќе неколку години имаат можност да ги ограничуваат условите за продажба на алкохол според времето и локацијата, па сè до негова целосна забрана.
Низ цела Русија е забранета продажба на алкохол од 23 до 8 часот наутро, но локалните власти имаат право да го направат построг. На пример, во Москва постои само федерално ограничување, а во Санкт Петербург алкохол не може да се купи од 22 до 11 часот претпладне. Некои субјекти дополнително воведуваат „денови на трезвеност“, кога продажбата на алкохол е целосно забранета.
Најстроги правила постојат во Чеченија (2.000 километри од Москва), каде мнозинството население исповеда ислам. Во оваа севернокавкаска република алкохол се продава само два часа дневно, од 8 до 10 часот наутро, а за време на верскиот празник Рамазан продажбата на алкохол е целосно забранета.
Првиот човек на републиката Рамазан Кадиров во повеќе наврати зборуваше со критика за алкохолот и за пијанството, но до целосна забрана на алкохол не дојде. „Во Чеченија тешко дека целосно ќе забранат алкохол без соодветен федерален закон“, вели за „Руска реч на македонски“ Алихан Исраилов, експерт од Министерството за млади на Чеченската Република.
Иса кој е жител на Грозни, за „Руска реч на македонски“ вели дека без оглед на строгите мерки луѓето наоѓаат начин да се напијат. „Всушност, оние што сакаат да пијат ќе си обезбедат алкохол во некоја од соседните републики, до кои со кола треба да се поминат не повеќе од 100 километри. Проблемот за оние што пијат не е во тоа што во Чеченија не може да се купи алкохол, ами во односот на оние што ги опкружуваат кон нив. Затоа оние што сакаат да пијат – си пијат, обично во некое тивко место, културно и внимателно. Тоа е парадокс, но забраната за слобода за пиење алкохол ја зголемува културата на неговото консумирање“, вели Иса.
Сепак ограничувањето на легалната продажба на алкохолот може да доведе до зголемување на сурогат со кој се труе народот. Експертите се уверени дека правата за регионите се зголемени имено за борбата со сурогатот. Членот на Цивилната комора, првиот човек на движењето „Трезна Русија“ Султан Хамзаев забележува дека забраните нема да влијае на зголемувањето на неквалитетен алкохол на пазарот. „Сурогатниот алкохол и онака изнесува 60% од пазарот. Ограничувањето на продажбата е безусловно позитивна мерка, - објаснува Хамзаев. – Главниот проблем се состои во одговорноста, Мислам дека треба да се воведе лична одговорност на раководителите на местата за намалување на нивото на употреба на алкохолот кај населението на нивната територија. Тогаш ќе биде поефикасно“.
Вадим Дробиз, директор на Центарот за истражување на федералниот и на регионалниот пазар на алкохол објаснува дека главната цел на сегашната иницијатива е да се забрани течности кои содржат алкохол, а кои се со двојна намена. „Сега тие се продаваат легално во секое време: тоа може да биде „парфемски производи“, колонски води, аптекарски тоници. Тие не се сметаат за алкохол, но сите знаат дека се пијат“.
Хамзаев е уверен дека амандманите ќе им помогнат на регионите побрзо да дејствуваат во борбата против нелегалните производи. „Во моментов ситуацијата во провинциите е сложена, а најпроблематични се Јакутија, Омската и Томската област. Не треба да се очекува дека ефектот од воведување амандмани ќе биде брз, но тоа е дел од системскиот приод во борбата со алкохолизмот во Русија“, објаснува активистот.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче