Романтика на трибини: Судбоносно „да“ во заглушна атмосфера на стадион

Karen-Margarita Ruiz-Correa
Една од најромантичните сцени на Мундијалот беше ситуацијата во која момче од Русија запроси девојка од Колумбија на трибините на стадионот во Казањ, и тоа благодарение на дефанзивецот на колумбиската репрезентација Јери Мина.

На натпреварот Колумбија–Полска рускиот педијатар Сергеј Покидов од Томск ѝ подари кутиче со бурма на државјанка на Колумбија по име Карен. Камерата го сними тој момент, по што видеоснимката стана популарна тема на рускиот интернет. Одделни автори на коментарите под веста ја осудија брзоплетоста на таквиот потег, сметајќи дека не станува збор за љубов, туку за хормони и опојната атмосфера на Мундијалот. Други ја истакнаа убавината на девојката и го пофалија вкусот на Сергеј. Подоцна Покидов самиот им соопшти на медиумите дека тој и Карен се запознале одамна пред шампионатот затоа што и двајцата живеат во Томск.

Девојката дошла во овој сибирски град во октомври 2015 година кога завршила на колумбискиот медицински универзитет „Рафаел Нуњез“ во својот роден град Картахена. Претставник на информативната служба на Сибирскиот државен медицински универзитет (СибГМУ) соопшти за медиумите дека државјанката на Колумбија Руис Кореа Карен Маргарита е веќе втора година во Томск на специјализација во сферата на травматологијата и ортопедијата. Двајцата млади се запознале кај заеднички пријатели и веќе две години се забавуваат.

„Одамна размислуваме за свадба – најмалку година дена. Но за запросување беше потребна посебна ситуација“, раскажа Сергеј во  интервју за медиумите. Решил да ја запроси својата девојка директно на стадионот, штом репрезентацијата на Колумбија ќе го постигне првиот гол. Така може да се каже дека прецизниот погодок на колумбискиот фудбалер Јери Мина во 40 минута од средбата против Полјаците беше судбоносен за овој млад пар. Се разбира, таа кажа „да“!

Еве како Карен го коментира тој незаборавен настан: „Не очекував такво нешто од Серјожа! Во тој момент бев исполнета со неописливи, преубави чувства! Останав без зборови, не можев да кажам ништо! Тоа беше најубавиот ден во мојот живот!“.

„Таа одговори позитивно. Планираме да направиме свадба во Картахена во февруари 2019. Ако биде можно, ќе направиме свадба и во Томск, најверојатно во мај или јуни“, вели Покидов. По склучувањето на бракот Сергеј и Карен ќе живеат во Томск, каде младата Колумбијка ќе се обиде да се вработи како травматолог во една градска клиника.

Прочитајте повеќе: Странските навивачи зборуваат за големите пресвртници во животот

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња