„Па, ти си од Русија? Што правиш тука?“, ме прашува еден млад таксист и ме гледа вчудовидено. „Сите мои пријатели сега се на Светското првенство“.
Мојот возач е љубопитно момче кое се вика Карлос. За среќа зборува одлично англиски и за само неколку минути од него дознавам сè.
„Сега знам дека во Русија се насмевнуваат“
Карлос е женет, има две деца и живее во еден од најопасните квартови во Мексико Сити. „Лошите момчиња не ме пипаат зашто израснати сме заедно“, објаснува тој. Всушност, тој порано повеќе се плашел од Русите одошто од своите опасни соседи.
Русија има оставено трага на локалната култура: над 100 улици во главниот град на Мексико носат имиња на руски писатели, композитори, космонаути, историски личности, да кажеме на убиениот Лев Троцки, или име на руски регион како што е Сибир.
Но, според Карлос, и други Мексиканци имаат претстава дека Русија е мрачна и страшна земја, а за тоа најмногу влијание имале Холивуд и антируската пропаганда.
„Го сменив мислењето дури откако моите пријатели заминаа на Мундијалот“, отворено вели Карлос. „Тие секој ден објавуваат заеднички фотографии со Руси. И тоа нема никаква врска со филмовите што ги имам гледано. Сега знам дека Русите се насмевнуваат“.
„Зошто не се бакнуваш со другарите?“
Културните разлики меѓу народите се силни, но насмевката и бакнежите секогаш играат голема улога.
„Ние на прв поглед не сме толку дружељубиви како Мексиканците, но во суштинa сме. Едноставно тоа не е толку очигледно“, вели Елена, сопственичка на мал ресторан во кој се сервира „руска салата“, палачинки и други руски специјалитети.
Пред многу години таа се вљубила во припадник од племето Маја и се преселила во Мексико Сити, но нејзиниот сопруг сè уште се чуди за некои детали од нејзиното однесување. „Тој мислеше дека сум се скарала со пријателите зашто не се гушкаме и не се бакнуваме кога ќе се сретнеме“.
Инаку, мексиканските државни медиуми пред почетокот на Светското првенство во Русија се занимаваа со силна антируска кампања.
„Луѓето можеа да помислат дека некој ќе ги нападне со нож штом ќе излезат од авион“, вели Елена. „Но, Мексиканците не се плашат од ништо. Тие многу го сакаат фудбалот и ништо не може да ги запре да одат на Мундијал“.
Дали Америка е сè уште земја на соништата?
Бев во Хуарес, еден од најпознатите туристички делови на Мексико Сити каде што се наоѓа и американската амбасада. Не е тешко да се препознае зашто пред неа стојат голем број луѓе.
Америка со години беше земја на соништата за Мексиканците. Но, се чини дека за новата помлада генерација тоа повеќе не е така.
Уметницата Маријана работи во уметничка галерија во Хуарес и има дипломирано на универзитетот Колумбија. Планира да се врати во Њујорк, но само за да раскаже за перспективите на Мексико. Таа мисли дека Доналд Трамп ги има променето односите помеѓу државата и тоа се одразило врз нејзината работа.
Писателот и филозоф Хуан повеќе не сака да патува во САД. „Порано често ги посетував пријателите во Њујорк, но размислувам да ги продолжам студиите во Британија или во Канада. Им давам предност на социјално ориентираните држави“.
Тие повеќе не зависат од Америка
Мексико се чувствува независно, барем во ставовите на младите. Ова, секако, не значи дека Мексиканците ќе се свртат кон Русија. Сепак, тие повеќе не размислуваат само за Америка, тие сакаат да го истражуваат светот.
„Живеевме од нафтата и од парите што ни ги испраќаа роднините од Америка. Но, сега се развива нашиот технолошки сектор и нашата прехранбена индустрија“, вели младиот мексикански бизнисмен Алан, кој порано размислувал да го пресели својот бизнис-проект во Силиконската долина, но се премислил.
„Би одел каде било“, вело тој. „Сега ми изгледа дека е комплицирано да се преселам во САД. Не сакам некој лошо да се однесува кон мене, не сакам дискриминација“.