Забрането овошје? Русинките предупредени да не флертуваат премногу со странските навивачи

Иља Питалев/Sputnik
Светското првенство во фудбал донесе многу таленти во Русија, и не мислиме само на фудбалерите. „Егзотичните“ странски навивачи со исончана кожа ги освојуваат осамените женски срца. И, не се сите среќни поради тоа, особено не некои руски мажи.

Апликацијата за запознавање „Тиндер“ во руските градови кои се домаќини на Мундијалот ги соборува сите рекорди. „Тоа е како пир“, ја цитира магазинот „Зима“ извесна Кристина. „Сега се допишувам со еден убав Австралиец, со двајца убави Аргентинци и со еден убав Мексиканец... и не станува збор само за секс. Комуницирам со некои момчиња само поради забава“.

Но, многу луѓе ја користат споменатата апликација само за забава за една ноќ. Газета.ру го цитира Колумбиецот Јулијан (30): „Сите знаат за што служи Тиндер. Секако дека никој нема ништо против да мине во добро друштво без секс... но јас запознав пет девојки и сите сакаа секс“.

Во МТС (руски мобилен оператор) велат дека активноста на Тиндер е единаесет пати поголема во споредба со последниве шест месеци. Светското првенство во фудбал ја разбуди љубовта и копнежот, но не се сите среќни поради тоа.

Руските закони и сексот

Тамара Плетњова, претседател на Комитетот за прашања на семејството, жената и децата во Државната дума беше главен њузмејкер наспроти СП, убедувајќи ги Русинките да се противат на предизвикот да им приоѓаат на странците. „Дали ќе има девојки кои ќе се среќаваат со мажи и ќе остануваат бремени? Можеби да, можеби не,,, се надевам не“, велеше Плетњова на радиото „Говорит Москва“.

„Треба да раѓаме свои деца. Не сум националист, но сепак“, продолжи таа, укажувајќи на тоа дека е подобро кога сексуалните партнери се од иста раса и изрази загриженост дека децата на Русинките кои ќе се плеткаат со навивачите ќе растат без татковци.

„Тоа не треба да го интересира никого“

Многумина сепак мислат дека политичарите немаат право да даваат зелено или црвено светло за личните односи, уште повеќе за сексуалните. „Не е важно дали само се обидуваат да ни сугерираат  на тоа дека треба или не треба да имаме сексуални односи со соседот или со странец, со маж или со жена, пред, за време или по Мундијалот. Тоа никого не треба да го интересира“, пишува колумнистката на Газета.ру Екатерина Тропова.

Портпаролот на Владимир Путин, Дмитриј Пексов, искажа слична гледна точка: „Кога станува збор за нашите жени, тие самите се во состојба да решаваат. И најдобри се на светот“.

Некои бесни мажи

И не се само политичарите толку наметливи кога станува збор за врските со Русинките со странците. На популарната руска социјална мрежа ВКонтакте постои група во која се објавуваат фотографии и видеоснимки на Русинки под претпоставка дека тие ја „срамат Русија“, флертувајќи со странци.

Не се жалат само обичните корисници на Интернетот на „лесните жени“. Популарниот дневен весник „Московски комсомолец“ објави колумна на новинарот Платон Беседин кој го тврди следново: „Драго ни е што се уриваат руските стереотипи, но еден живее и за време на Светското првенство во фудбал, а тоа е дека Русинките се лесни жени...“

„воспитавме генерација курви кои ги шират нозете веднаш штом чујат странски јазик“, продолжува Беседин, обвинувајќи го за сè обожавањето на западната култура. Руската јавност строго го осуди Беседин за оваа клевета.

Навредените Русинки го враќаат ударот

Тогаш критикуваните жени и самите започнуваат во статиите во весниците да ги критикуваат мажите. Cosmopolitan Russia објави саркастичен текст за мислењето на Беседин. „бесните руски мажи не можат да сфатат дека жената е исто така личност која сака секс со кого ќе посака... Мажите очигледно не мислат дека жените се исто така луѓе, па лесно ја навредуваат половина нација во државниот печат“, пишува во колумната.

Некои жени сметаат дека мажите кои ги нарекуваат курви се љубоморни зашто некои Русинки им даваат предност на странците. Марина која ја цитира магазинот „Зима“ вели: „Со странците полесно се комуницира, тие сакаат социјализација. Сакаат да зборуваат, да шетаат, да флертуваат, па можеби и повеќе од тоа. Кога ќе излезам со Русин се чувствувам како да сум на избор на убавица“.

„Да, странците се често поубави од Русите! И поздрави и почисти!“, пишува Анастасија Миронова во весникот Газета.ру. А, московјанката Наталија Соболевскаја убаво  резимираше на Твитер: „До Бога, секако дека во Русија има нормални мажи, па дури и одлични! О, внимание: Тие сега не се бесни, одлично се чувствуваат. Тие немаат потреба да завидуваат и да прозиваат“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња