Неверојатно спасување на патниците во авионот Ту-154

Патничкиот авион Тупољев-154 по принудното слетување.

Патничкиот авион Тупољев-154 по принудното слетување.

Михаил Мељничук/Sputnik
„Прво нешто што сите го помисливме беше 'Зошто ова ни се случува токму нам?'“. Пред осум години во авионот Ту-154 во кој имаше 81 патник, истовремено откажаа сите уреди на висина од 10.600 метри. Но сите патници и членови на екипажот останаа живи зашто на земјата еден човек во текот на 12 години без никаква обврска одржуваше писта на напуштен аеродром во тајгата, иако таа повеќе никому не му беше потребна.

Тоа беше една обична редовна линија на патничкиот авион Ту-154 на малата руска компнија „Алроса“. Во авионот имаше 72 патника и речиси сите се враќаа во Москва од одмор во Јакутија. Патниците веќе беа добиле храна и пијалак, по што задремале. По три и пол часа лет во авионот ненадејно се згасиле сите светла.

Патничкиот авион Тупољев-154 по принудното слетување на аеродромот во Република Коми.

Тоа се случи на 7 септември 2010 година во 6 часот и 57 минути наутро. Ту-154 леташе над тајгата на висина од 10.600 метри.

„Не спиев. Забележав дека авионот почна да се спушта, иако според времето имаше уште доста да се лета до Москва. Погледнав низ прозорецот, а на сите страни имаше шума. Но, не е можно да сме се вратиле назад“, се сеќава Андреј Кодратев, еден од патниците на овој авион. „Значи нешто се случува. Во тој момент се појави стјуардот и рече дека принудно ќе слетаме и дека секој треба да се склопчи во поза на ембрион. Моето тригодишно дете ми спиеше на колена. Жена ми седеше покрај мене. И двајцата се склопчивме“.

Принудно слетување

Патничкиот авион Тупољев-154 кој принудно слета на некогашниот аеродром во селото Ижма, Република Коми.

Според капетанот на екипажот Евгениј Новосјолов, најпрво се исклучил автоматскиот пилот. Веднаш потоа откажале сите инструменти. „Јас секогаш мислев дека резервниот вештачки хоризонт мора секогаш да биде запален, но тогаш откажаа сите три. Со таков дефект принудното слетување е неизбежно, но немавме дури ни радиоврска. Не знаевме каде е најблискиот аеродром“, раскажува Новосјолов.

Тоа утро беше облачно, така што пилотите не можеле да ја видат земјата. „Нема струја, пумпите не работат. Немаш врска за да знаеш што ќе преземеш, во секој случај за 30 минути ќе ти откаже моторот. Единствена варијанта беше понирање во облаците и принудно слетување. На невидено“, се сеќава тој.

Имаа среќа. На едно место облаците биле раздвоени и пилотите виделе река во шумата. Авионот може да се спушти на вода, но мали се шансите некој да преживее. А, потоа виделе авионска писта.

„Помислив дека тоа е веќе халуцинација“, вели Новосјoлов.

Посадата на авионот Тупољев-154 која поради системски дефект беше принудена да го спушти авионот во Република Коми.

Трипати се приближувале на пистата. Таа била премногу куса за Ту-154, а авионот леташе со многу поголема брзина одошто е потребна зашто не му работеа закрилата и предкрилата. Ту-154 не се запре на пистата – мина уште 164 метри, „преорувајќи“ ја земјата и шумата пред себе. „Видов како крилото сече стебла и како лета иверка. Во авионот беше паника. Тајгата беше мокра и се крена пареа, а сите мислеа дека авионот гори“, вели Кондратев.

На патничката Надежда Филимонова ѝ притрчала стјуардеса со спрајт и со валидол. „Сите гласно плачеа“, вели таа. „Прво нешто што сите го помисливме беше 'Зошто ова ни се случува токму нам?'“.

Еден човек во шумата

Никој од патниците и од членовите на екипажот не загина. Мошне бргу стасаа пожарникарите и брзата помош. Луѓето се спуштаа по надуваниот трап. Не можеа да веруваат дека останале живи.

„Спасоносната“ писта му припаѓаше на аеродромот на селото Ижма. Претходно тоа беше аеродром за локални авионски линии, но од деведесеттите години од минатиот век е користен како писта за хеликоптери. Од 126 луѓе, колку што работеле тука, останал само еден – Сергеј Сотников. Тој 12 години секојдневно пешачел 5 километри до аеродромот и ја одржувал напуштената писта. На прашањето зошто го правел тоа кога никој не барал такво нешто од него, Сотников одговора:

„Јас не им дозволував на луѓето да јаваат коњи на пистата. По нив останува ѓубре, тоа се суши, хеликоптерите сето тоа го креваат во воздух и сѐ ти лета в очи... Тоа не е добро. А, можат и гранки да паднат и да останат тука, луѓето фрлаат шишиња.. Јас ја одржував пистата за себе, за сѐ да биде убаво“.

Поради тоа со текот на времето тој ги исекол дрвјата што биле во близина на пистата и никому не дозволувал на неа да ја остава колата, да остава дрвја и други предмети. Да не го правел тоа Сотников во 2010 година не ќе можеше да се спушти на оваа писта.

Што се случи потоа со авионот Ту-154?

Комисијата установи дека дефектот бил предизвикан од прегревање на акумулаторот што предизвикува краток спој и исклучување на целосната електроника во авионот.

Посадата на авионот Тупољев-154 која поради системски дефект беше принудена да го спушти авионот во Република Коми.

По споменатиот настан авиопревозникот мораше да го отпише овој авион зашто беше во голема мера оштетен. Од пистата е извлечен со трактор. Сепак, авионот беше оспособен и потоа одлета од Ижма.

Подоцна беше поправен и веќе во 2011 година јакутската компанија реши да го врати во својот авиопарк. Според тоа, оној ист советски Ту-154 кој е направен во седумдесеттите години од минатиот век сѐ уште сообраќа на релацијата Јакутија-Москва.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња