Шпанските фудбалери открија што мислат за својот следен противник, репрезентацијата на Русија

Начин на живеење
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА

Фудбалерите на шпанската репрезентација Иско, Јаго Аспас и Серхио Рамос ја коментираа играта на рускиот тим, против кого ќе играат во осминафиналето на Светското првенство 2018 година. 

Играчот за врска Иско изјави дека домаќините на турнирот се опасни противници. „Без сомневање, натпреварот против репрезентацијата на Русија ќе биде многу тежок. Тие се домаќини и целиот стадион ќе биде со нив. Иако загуби од Уругвај, рускиот тим се покажа добро во групната фаза“, истакна шпанскиот фудбалер.

Со него се согласува и напаѓачот Јаго Аспас, кој истакна дека врз основа на резултатот од натпреварот против Уругвај (0:3) не треба да се извлекуваат заклучоци за руската екипа, затоа што таа не играше во својот основен состав. Капитенот на репрезентацијата на Шпанија Рамос додаде дека неговата екипа ќе внесе промени во својата игра и дека ќе стори сѐ што може за да го совлада рускиот тим во плеј-офот. Вчеравечер, на 25 јуни, Шпанците одиграа нерешено против репрезентацијата на Мароко. Во дополнителното време Аспас постигна гол кој беше признат по повторното прегледување на снимката. Овој гол им овозможи на Шпанците да го заземат првото место во групата Б и да ги претекнат Португалците. Двата тима собраа по пет бода, но „црвената фурија“ ги надмина соперниците според дополнителните показатели.

Русија го зазеде второто место во групата А по поразот од Уругвај. Екипата освои шест бода. Натпреварот од осминафиналето против Шпанија се игра на 1 јули во Москва.