Началникот на штабот на руската војска во Сирија: Како го уништивме псевдокалифатот?

Начин на живеење
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Генерал-потполковник Александар Лапин е еден од креаторите на руската воена операција во Сирија чии резултати доведоа до целосен слом на таканаречената „Исламска држава“. Тој во својот текст даде една ретроспектива на главните правци на делување на руските воздушно-копнени сили во Сирија, а се осврна и на потенцијалното комплицирање на ситуацијата со цел дестабилизација на државите од Централна Азија.

Операцијата на коалицијата и создавање на псевдокалифат на смртта
Во Сирија се соочивме со добро обучен и мотивиран противник. Терористичките формации беа одлично водени и вооружени, со големи резерви на муниција и материјално-технички средства кои главно се запленети во магацините и во касарните на сириската армија. Треба да се нагласи дека добар дел од вооружувањето, од муницијата и од останатата опрема во Сирија е стасан и од странство (во вооружувањето на исламските терористи особено се истакнаа земјите од Источна Европа).

Во текот на изработката на генералниот стратегиски план кој имаше за цел уништување на Исламската држава на просторот на Сирија, се соочивме со мошне сложена задача која изискуваше внимателно планирање и сеопфатна подготовка. Накратко, подготовката опфаќаше формирање силни ловечко-бомбардерска и воздушно-транспортна група која се базираше на просторот на авионската база Хмејмим, како и интервентен одред воени бродови кој требаше да ги обезбеди нашите логистички рути во источниот дел на Средоземното море. Преместувањето на борбените ефективи на просторот на Сирија, и нивната сѐ поголема концентрација на ова подрачје, се одвиваше во целосна тишина што по започнувањето на активните борбени дејствија предизвика еден вид изненадување, како за терористите, така и за „заинтересираните“ држави кои се наоѓаат во регионот.

Во тој момент (зборуваме за период од 2015 година), на овој простор беше ангажирана меѓународна воена коалиција. Оваа коалиција се ограничи на воздушни напади врз целите на Исламска држава која преку ноќ зазеде големи делови од Сирија и од Ирак. Операцијата на воздухопловството на САД и на нивните сојузници во голема мера на терен предизвика контраефект. Имено, наместо зауздување на експанзијата на таканаречената Исламска држава, операцијата на САД и на нивните сојузници доведе до страшен пораст на терористичките активности на терен. Исламската држава почна незапирливо да се шири на запад, со своето главно тежиште на линијата Деир ез Зор-Рака-Алепо-Хама и Палмира-Каратин-Дамаск. Соочена со ударите на далеку побројните терористички сили, сириската армија не можеше да го издржи огромниот притисок на повеќе одвоени правци. Почна да губи важни градови, воздухопловни бази, комуникациски јазли. Значително се зголемија и загубите во жива сила. Војската ја зафати општа апатија и дефетизам. Накусо, конечниот слом беше мошне близу.

Кон средината на 2015 година ситуацијата стана алармантна зашто силите на Башар ал Асад беа збиени на само 10% од територијата. Процената на рускиот генералштаб беше крајно песимистичка. Сирија и нејзината легитимна влада против која беше покрената сеопшта војна можеше да издржи најмногу еден до два месеци интензивна борба кога дефинитивно ќе капитулираше, односно ќе беше ѕверски погубена. За тоа време во рацете на џихадистите би паднале Алепо, Дамаск, Латакија, додека руската истурена поморска база во Тартус, најверојатно ќе мораше да замине поради неможноста за каков било тип одржлива конвенционална одбрана.

Основна задача: Да се уништи монструозната творба!
Како што реков, првата етапа од руската интервенција во Сирија е граничена на силни воздушни удари врз терористичките сили, на најкритичните коридори на одбраната на преостанатата сириска слободна територија. Руските пилоти за еден месец извршија повеќе од 1.500 авионски летови за време на кои уништија 2.000 терористички објекти, околу 250 командни пунктови и јазли за врски, како и 51 логор за нивна обука. Главниот резултат од овие високоинтензивни удари беше осетна дезорганизација на оператнивно-тактичката команда над терористичките сили на терен, отежнато снабдување на нивните предни борбени ешалони, како и целосна девастација на економскиот потенцијал на квазидржавата која се базираше на кражба и на препродавање на сириската нафта.

Почетокот на нашата операција во Сирија беше клучен момент за враќање на борбениот елан во редовите на сириската армија и нејзина генерална консолидација. Сириските војници и офицери, како и бројни доброволци кои се нашле тука, повторно почнаа да веруваат во конечна победа. Но, иако психолошкиот момент е исклучително важна категорија во вооружениот судир тој не е единствен елемент кој на крајот ќе натежне над непријателот и кој ќе отвори простор за конечна победа. Имено, ние увидовме определени недостатоци во дотогашното функционирање на сириската армија, особено кога станува збор за ефикасно комбинирање на различни видови и родови во текот на изведувањето на сложени борбени операции. Сега во борбата се појавија и нашите воздухопловни сили со кои домашните копнени единици мораа некако да се поврзат. Со цел побрзо оспособување на сириските копнени единици за еден понапреден вид на изведување на борбени дејствија, на теренот пристигнаа тимови руски воени специјалисти и советници кои влегоа во командниот синџир на најквалитетните сириски борбени единици. Тие практично на лице место успеаја во голема мера да го подигнат нивото на тактичка способност на сириските копнени војски што беше од неизмерливо значење. Во тој период исто толку важно беше и ангажирањето на руските командоси од составот на Силите за специјални операции (ССО) кои на себе презедоа голем товар од борбената активност во блиската тактичка длабочина на непријателот, особено кога станува збор за наведувањето на ловечко-бомбардерската авијација која дејствуваше со „паметни“ авионски бомби и ракети.

Еден ваков здружен напор доведе до тоа веќе кон крајот на ноември да биде остварена целосна контрола над стратешки важната патна комуникација која го поврзуваше главниот град Дамаск со Хама и со Алепо. Ова создаде услови за неспоредливо подобар проток на копнените сили што наскоро даде плод зашто беше остварена првата голема победа за време на деблокадата на аеродромот Квејрс кај Алепо. Истовремено е расчистена ситуацијата околу Хомс, а постепено почнаа да се создаваат сѐ поповолни услови за покрупни ослободителни операции.

Спасување на сириските градови и на цивилното население

Посебен дел претставува операцијата на ослободување на повеќемилионското Алепо кое претставува политички, воен, индустриски и културен центар на Сирија. Овој град беше во многу тешка позиција зашто терористите успеаја да го изолираат и да го стават во еден вид опкружување. Дури со започнувањето на руската воздушна кампања, сириската армија и шиитските доброволци изведоа неколку просторно ограничени операции со цел проширување на коридорот од неговата јужна и југозападна страна, како и во источниот правец кон градот Рака. Основната цел на овие операции беше отфрлање на терористите, а особено на неговата артилерија од урбаните зони во кои се наоѓаа цивили, а кои секојдневно трпеа артилериски и минофрлачки оган. Во градот владееше тешка хуманитарна ситуација, особено меѓу цивилното население (деца и постари лица). Недостасуваше сѐ: од лекови, па до храна и вода за пиење. Градот беше наречен сириски Сталинград. По деблокадата на аеродромот Куверјис и разбивањето на терористичките банди кои наѕираа од правец на провинциите Хомс и Идлиб, се добија поволни услови за негово дефинитивно ослободување. Изведувањето на самата операција е креирано според шема која не е типична во вакви ситуации.

Една од најважните точки на оваа операција беше максимално намалување на евентуалните цивилни жртви, како и разорување на инфраструктурата на градот. Во согласност со овој план, Русија заедно со Иран изведоа една од најголемите хуманитарни операции која можеше да се види во последно време. Имено, од источните делови на Алепо беа евакуирани 130.000 лица, од кои 31.000 беа терористи и членови на нивните семејства. Евакуацијата на блокираните терористички сили кои се најдоа во клопка, беше организирана под гаранции на руските офицери. Сѐ помина брзо и во најдобар ред. Огромен број човечки животи се спасени, а градот во голема мера беше зачуван. Со оглед на тоа дека ваквиот тип операции се покажа како мошне ефикасен, искуствата од Алепо се применети и подоцна во текот на ослободувањето на Источна Гута. Во оваа пригода од зоната на борбени дејствија се евакуирани над 170.000 луѓе, вклучувајќи 63.117 терористи со членовите на своето семејства. Истовремено рускиот контингент на овие луѓе им подели околу 500 тони различна хуманитарна помош.

Терористите не може да ја издржат размената на удари кај Палмира

Противникот дејствуваше брзо и неочекувано. Во екот на операцијата за ослободување на Алепо мобилните одреди на Исламска држава ја искористија зафатеноста на најборбените единици на сириската армија на овој отсек од фронтот и изведоа ненадеен удар на Палмира во која главно се наоѓаа единиците на САА и единиците на локалната полиција. По воведните борби дојде до дезорганизација на нивната одбрана и нејзино целосно распаѓање, и Палмира повторно се најде во рацете на терористите. Веднаш по заземањето на градот силна групација терористи ја продолжи својата офанзива на запад каде ги зазеде населените места Бајрат и Дева, како и изворот на нафта Хајан. Ова доведе до тешка оперативна ситуација на целиот сектор зашто со овој продор беше загрозена и воздухопловната база Т4 која практично се најде на дострел на непријателското вооружување. Со воведување на интервентно зајакнување кое стаса од југ и од запад, како и благодарение на силната активност на руските ВКС кои го покрија речиси целиот тој сектор, терористите во неколку жестоки судири беа запрени во својот понатамошен поход.

По дрскиот испад на терористичките сили на правецот Деир ез Зор-Палмира, сириската команда ја забрза операцијата за ослободување на Алепо која конечно дојде до крајот. По успешното завршување на оваа операција дојде до растоварување на голем број сириски и доброволни единици кои речиси без никаков одмор тргнаа во стабилизација на фронтот околу Палмира. Во следните денови сириската команда во соработка со своите сојузници разработи крупна операција која требаше да доведе до конечно разбивање на исламистичките сили на овој простор, и ослободување на централните делови на земјата. Во таа смисла по повторното ослободување на Палмира требаше да се помести тежиштето на борбените дејствија понатаму на исток со цел совладување на бројните нафтени и газни извори кои се расфрлани по сириската пустина. Во зависност од текот на борбените дејствија отворена е можноста за понатамошно продолжување на оваа операција со цел деблокирање на уште еден град-херој во оваа војна – Деир ез Зор и избивање на реката Еуфрат.

Кон средината на декември 2016 година сите руски единици кои се наоѓаат на зафатот на комуникациите кон Палмира преминаа во силна контраофанзива и по два месеци тешки борби повторно успеаја да го ослободат градот. Отпорот на исламистите беше исклучително силен и тоа речиси на сите тактички правци на напад. Сириската армија за време на ова напредување мораше да чисти многубројни коти кои се наоѓаа на северната и на североисточната страна на градот, од каде исламистите со артилерија и со наведувачки ракети спречија понатамошно развивање на сириската контраофанзива. Со совладување на системот на топографски објекти северно и јужно од градот, Палмира се најде во еден вид полуопкружување, а терористите се најдоа во мошне тешка позиција во која останаа без артилериска поддршка, како и без интервентно зајакнување од длабочината на територијата. Конечно, на 2 март 2017 година, сириската армија со несебична поддршка на ВКС влезе во Палмира и повторно го ослободи градот.

Гонење на непријателот и разбивање на опсадата околу Деир ез Зор

Во духот на оперативниот план што беше креиран кон средината на декември 2016 година, неговата прва фаза беше успешно завршена. Немаше многу време за славење, ами мораше што побрзо да се продолжи со активните борбени дејствија понатаму на исток. Во следните два месеци сириската армија продолжи со својата офанзива на исток каде успеа да оствари целосна контрола над стратешки важните енергетски извори како што се Хајан, Џизел, Шајр итн, со што е завршена и втората фаза на оваа офанзива. Терористичките сили на Исламската држава во голема мера беа разбиени и повеќе немаа сила за каква било организирана одбрана. Со овој чин се добија погодни услови за понатамошни продолжување на продорот кон исток во правец на градот Деир ез Зор.

По успешното завршување на сириската кампања од март и од април 2017 година, со која дефинитивно беше обезбеден стратешки важниот град Палмира, и беа ослободени големите извори на нафта и гас во овој дел од земјата, апетитите на сириската команда станаа поголеми. На внатрешен план војската успешно започна да ги применува новите тактички обрасци кои им ги пренесоа руските воени инструктори, а исто така и да усвојува ново вооружување и воена опрема која стаса од Русија. По генералното пополнување со војници и муниција, сириската армија започна нова нападна операција која за своја конечна цел имаше разбивање на опсадата во градот Деир ез Зор која траеше практично од почетокот на војната. Покрај деблокадата на овој град, сириската армија имаше задача да воспостави цврста контрола и над граничните појаси кон Јордан и кон Ирак, и од терористичките сили да ги исчисти сите населени места кои се наоѓаат на западниот брег од реката Еуфрат. Во првата фаза од операцијата (август 2017 година), сириската армија успеа да ликвидира терористички џеб во Акербат, како и да го ослободи важниот комуникациски јазол Сухну.

Во продолжение на својата офанзива, сириската армија сите свои копнени потенцијали ги насочи во правец на градот Деир ез Зор. Главниот удар се изведуваше на два тежишни правци, по долината на реката Еуфрат и од правец на градот Палмира. Сирискиот воен гарнизон во Деир ез Зор веќе цели три години се наоѓаше во услови на целосно опкружување. Единствената помош на тамошното население и на неговите бранители доаѓаше од воздух. Голем воено-транспортен авион Ил-76 со падобранци исфрлаше хуманитарна помош која се состоеше од храна и од средства за одржување хигиена. Откако ги изгубија големите урбани центри Мосул и Раку, терористите од таканаречената Исламска држава го прогласија овој град за свој иден економски и политички центар. Затоа успехот во оваа операција имаше не само воено, ами и политичко значење. За изведување на оваа задача образувана е специјална нападна група на сириската армија која ја предводеа Тигрите кои во својот состав имаа тенкови Т-90С, беспилотни летала и напредни комуникациски уреди. Процените беа дека во поширокиот реон на овој град се наоѓа основната групација на непријателот со сила од околу 4.000 борци кои се опремени со 20 тенкови, 180 артилериски оружја и минофрлачи, 100 противтенковски ракетни системи со наведувачки ракети и 20 единици со ПА-оружје (ЗСУ) кои се наоѓаа на специјални преправени возила. Терористите навреме успеаја да ги уредат позициите за одбрана, а тие главно беа сконцетрирани на околните топографски објекти кои го надградуваа пустинскиот појас, потоа со инсталации на наоѓалишта на нафта и гас, со потпора на сите населени места кои се наоѓаат во рамките на главните патишта кои водат во градот. Точките со недоволно борци се дополнително обезбедени со мински полиња, а во блиската тактичка длабочина се наоѓаа мобилни групи кои имаа за задача да интервенираат на најкритичните точки на судирот. Под самиот град беше направен цел лавиринт од подземни тунели.

Поголема група сириски сили изврши силен напад во насока на населените места Мезра, Хрејта и Ајиш, со што во голема мера беа изненадени исламистите кои очекуваа удар од сосема друг правец. Овој напад беше толку ефикасен што оваа група успеа да напредува речиси 40 километри во длабочина на непријателската територија и да ја пробие опсадата од северозападната страна на градот. За остварување на ваквите резултати клучна беше и воздушната поддршка на ВКС кои со голема прецизност уништија голем број цели на земја (во таа пригода се уништени 193 објекти со терористи). Неколку поголеми терористички групи во таа пригода беа изманеврирани и збиени во обрач. Во следните денови овие мали „котли“ беа усечени, разбиени на повеќе помали „џебови“ и ликвидирани.

Со ваквиот развој на настаните опсадата на градот во целост е завршена, а неговите жители конечно можеа да здивнат и постепено да се вратат на нормалниот живот. Поразот на терористичките сили на таканаречената Исламска држава и деблокадата на Деир ез Зор претставуваше дефинитивен стратешки пораз на оваа терористичка организација од која никогаш повеќе не закрепна. За помалку од еден месец терористите неповратно изгубија 3.000 борци, а уништена им е речиси целата борбена техника.

Веднаш по разбивањето на блокадата на Деир ез Зор, сириската армија продолжи со гонењето на екстремистите, а во тие акции значајно учество имаше и руската авијација која особено беше активна над делтата на Еуфрат. Кон средината на октомври беше ослободен градот Мејдин, а по три недели и Абу-Кемал кој претставуваше последно поголемо упориште на терористите од таканаречената Исламска држава на сириска земја. Треба да се спомене дека практично сите операции на сириската армија и на нејзините сојузници, во голема мера беа организирани од страна на руските воени советници и специјалисти кои се наоѓаа во командните структури на основните офанзивни групи на сириската армија.

Резултатите на нашето воено ангажирање во Сирија

Клучна улога во разбивањето на терористичката формација на Исламска држава на територијата на Сирија несомнено им припаѓа на Вооружените сили на Руската Федерација кои во својот состав имаат средства од нова генерација кои се одликуваат со голема огнена моќ. Употребата на ВКС и на Силите за специјални операции (ССО), како и високиот степен на компетентност на руските воени советници на планот на унапредувањето на борбената обука на сириската војска, во вкупниот збир доведоа до повторно преземање на борбената иницијатива од непријателот, што создаде услови за офанзива на речиси сите правци.

При активна поддршка на оваа руска група, сириската војска ослободи 113.000 квадратни километри територија со 1.245 населени места. Во таа пригода се ликвидирани околу 65.000 терористи, уништени се 8.235 единици со различна борбена техника, вклучувајќи оклопни средства и специјално пренаменети цивилни возила кои на себе имаа тешки митралези, 718 работилници за производство на вооружување и муниција, 41 завод за производство на различни видови таканаречени „џихад-мобили“ и „џихад-тенкови“. Деминирани се околу 65.000 хектари земја, 1.500 километри патишта и околу 17.200 објекти со различна намена. Кога станува збор за хуманитарниот аспект, доставени се и поделени повеќе од 2.500 тони различна хуманитарна помош, организирани се и обезбедени 263 хуманитарни конвои на ОН. Руската авијација практично „до темел“ ја уништи економијата од која се финансираа терористичките организации во Сирија, а кои беа поврзани со бандитска експлоатација на сириската нафта и нејзино препродавање. Во таа пригода се уништени 396 пункта за извлекување нафта и нејзина преработка, како и 4.100 цистерни за нејзин транспорт.

Операцијата во Сирија роди нови јунаци со кои модерна Русија се гордее. Тие во вистинска смисла на зборот се достојни наследници на своите славни дедовци кои гинеле носејќи го нејзиното име на своите усни. Не постои сомнение дека денешната генерација руски момчиња и девојки се подготвени да одговорат на сите предизвици кога станува збор за одбраната на Русија, и во таа цел да се поднесе и најголемата жртва.

Треба да се потсети на славните дела на руските херои како што е потполковникот Олег Пешков кој беше соборен на 24 ноември 2015 година за време на давањето на воздушна поддршка на сириските погранични единици кои се најдоа во тешка позиција кога ги нападна неспоредливо побројниот непријател. Или, постариот поручник Александар Прохоренко кој себеси се означи како мета кога сфати дека од сите страни е опкружен со терористи и дека не може да се спаси. Треба да се сетиме на капетанот Марат Ахметшин кој прифати борба со групација од околу 200 терористи кои изведоа неколку неуспешни напади на положбата на која се наоѓаше тој. Во таа пригода овој руски витез успеа да онеспособи најмалку десет терористи и да им онеспособи неколку единици борбена техника. Што да се каже за рускиот јунак Роман Филипов чиј авион беше соборен за време на надзорот на договорот за прекин на огнот над зоната на деескалација „Идлиб“. Откако се катапултираше и се приземји, Роман беше соочен со напад на практично сите терористички сили кои во тој момент се наоѓаа во секторот. Вооружен само со пиштол Стечкин и со неколку рамки муниција, Филипов прифати нерамноправна борба со ордите на терористите кои се обидоа да дојдат до него и до неговата позиција која се потпираше на една карпа. Во тие драматични околности изгледа дека кај родените витези се јавува некаква посебна свест која се рефлектира на начин тие со насмевка и со пркос да ја прифатат смртта. Филипов мирно и прибрано извади рачна бомба која ја имаше во џебот, седна на земја и со громовит глас „ова ви е за момчињата!“ се разнесе пред терористите кои ако покосени паднаа на околната трева.

Понатамошна дестабилизација на Авганистан и потенцијално отворање жаришта на просторот на Централна Азија

Треба да се забележи дека по разбивањето на терористичките формации на таканаречената Исламска држава добар дел од преживеаните борци се префрлаат од Сирија и Ирак во други региони на светот. Нивен зајакнат трансфер е забележан во земјите од Централна Азија. Денес, без претерано преувеличување може да се каже дека заканата од тероризам има глобален карактер. Анализата на развојот на воено-политичката ситуација во регионот покажува дека за Русија и за нејзините сојузници најголема опасност може да претставува продорот на Исламска држава во Авганистан.

Порастот на борбениот потенцијал на Исламска држава во Централна Азија се реализира преку трансфер на радикално-екстремистичките организации од Блискиот Исток каде веќе постојат домашни групи за прифаќање во обликот на организациите „Исламско движење на Источен Таџикистан“,„Хизб ут-Тахрир“, „Унија на исламскиот џихад“, „Салафија“, „Таблиги Џемат“ и сл.

„На територијата на Авганистан се сконцентрирани 10.000 припадници на Исламска држава кои ќе се обидат да создадат исламски калифат на просторот на Централна Азија“.

Емисарите на оваа организација се обидуваат да врбуваат што поголем број луѓе од локалното подрачје, додека истовремено е развиена и мрежа за борбена обука на новоформираните полигони. Присуството на контингент на американската војска во оваа држава воопшто не ја намалува нивната активност и сѐ се реализира според истата матрица како што беше случајот со Ирак и со Сирија кога станува збор за наводна борба против тероризмот. Згора на тоа, војската на САД активно се бори против радикалната авганистанска милиција која им се спротивставува на „натрапниците“ од Блискиот Исток, и на тој начин го оневозможува нивното непречено ширење.

Во врска со сѐ поголемото зголемување на терористичките опасности во Централноазискиот регион, политичкото и военото раководство на Русија презеде адекватни мети со цел да ги заштити своите граѓани и секако интересот на овој витално важен простор. За таа цел, главната улога на заштитата на нашите интереси во овој регион им е доверена на единиците на Централниот воен округ*.

Само минатата 2017 година во нашите единици пристигнаа стотина примероци современа воена техника која за неколку пати ќе ја зголеми нашата оперативна способност. Единиците се цврсти и поврзани, во целост мобилни и подготвени да извршат каква било задача која ќе им се довери. Треба да се додаде дека благодарение на честите ротации на единиците, голем број офицери и војници на ЦВО стекнаа и воено искуство со својот престој во Сирија, што во целина ја зголеми нашата борбена подготвеност.

Нашите ракетни единици во своето вооружување имаат оперативно-тактички ракетни системи „Исакндер-М“. Тенковската компонента е превооружена со најновата варијанта на тенкот Т-72Б3. Моторизираните единици во својот состав во целост се опремени со борбени транспортери БТР-82А. Специјалните сили се опремени со цел спектар нови оклопни возила „Тигр“, „Гусар“ и „Тајфун-К“. Противвоздушниот борбен систем во своето вооружување има ракетни системи С-400 „Триумф“ кои ги следат хибридните топовско-ракетни системи „Панцир-С1“.

Кога станува збор за силите за поддршка, тука се ловците-бомбардери Су-34, офанзивците Су-25СМ/СМ3, како и борбено-транспортните хеликоптери Ми-8АМТШ „Терминатор“. Сите копнени единици во својот состав имаат специјални елементи за изведување кои се опремени со беспилотни летала „Форпост“ и „Орлан-10“.

*Во моментов генерал Александар Лапин се наоѓа на местото командант на Централниот воен округ.