Спектакуларен почеток на Мундијалот: Русија ја разби Саудиска Арабија со 5:0

Начин на живеење
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Во првиот натпревар од Светското фудбалско првенство 2018 репрезентацијата на Русија убедливо ја совлада Саудиска Арабија со резултат 5:0.

Со натпреварот помеѓу репрезентацијата на Русија и Саудиска Арабија на преполниот московски стадион Лужники на 14 јуни е отворено Светското фудбалско првенство 2018 чиј домаќин е Руската Федерација.

Руските репрезентативци поведоа веќе во 12 минута со голот на Јуриј Газински во напад кој беше продолжен по изведен корнер.

Вториот пат мрежата на саудискиот голман ја затресе Денис Черишев во 43 минута по комбинацијата на Головин и Зобнин. Черишев влезе на теренот во 24 мунута наместо повредениот Ѕагојев.

Во второто полувреме селекторот Черчесов во 70 минута го внесе Артјом Ѕјуба наместо неупадливиот Смолов. Веќе во 71 минута Ѕјуба постигна гол. Головин изведе аут и го пронајде Зобнин, а тој пак Ѕјуба кој со главата ја испрати топката во мрежа.

Во 90 минута четвртиот погодок за репрезентацијата на Русија го постигна Черишев и така стана двократен стрелец. Му асистираше Ѕјуба.

Во последните секунди од мечот најдобриот играч на натпреварот Александар Головин ја „запечати“ противничката мрежа од слободен удар.

Ова е првиот меч во групата А, каде покрај Русија и Саудиска Арабија се наоѓаат и репрезентациите на Египет и на Уругвај. Следниот натпревар Русија го игра против Египет во вторник на 19 јуни во Санкт Петербург.

Во текот на утрешниот ден ќе бидат одржани мечовите Египет – Уругвај, Мароко – Иран и Португалија – Шпанија.