Полиглотот Путин: Колку јазици зборува рускиот претседател? (ВИДЕО)

Kremlin.ru
Лингвистичките способности на Путин не се во центарот на вниманието како што се јавањето, нуркањето и летањето. Токму поради тоа да погледнеме колку странски јазици знае рускиот претседател.

1. Германски

Со оглед на тоа дека во последните пет години од постоењето на Источна Германија ја поминал во Дрезден, претседателот научил течно да зборува германски и тоа го има докажано неколку пати. На пример, во Бундестагот во 2001 година одржа импресивен говор за тероризмот во траење од 8 минути.

Ако мислите дека е лесно да се прочита подготвен говор, можеби оваа снимка ќе ве убеди дека Путин одлично знае германски. Вака рускиот претседател кратко ја презеде улогата на преведувач на прес-конференција во Санкт Петербург.

Неопходен услов за да се биде агент на КГБ во Источна Германија сепак бил одлично познавање на јазикот.

Но, фактот што Путин течно зборува германски, а Ангела Меркел наводно течно зборува руски, не е причина да преговараат без преведувач. На оваа снимка од 2017 година Меркел му се обраќа на Путин на руски, а тој ѝ одговара на германски. Како да се натпреваруваат во подобро знаење на јазикот на пријателот и партнерот.

2. Англиски

Нивото на знаење на англиски јазик на Путин е една од најголемите тајни во светот на политиката. Според Путин, тој „малку се изјаснува на англиски“, но своето знаење ретко го покажува пред камери. Путин со задоволство зборува англиски само кога станува збор за промовирање на рускиот спорт и на меѓународната трговија. Таков беше случајот во 2013 година кога Екатеринбург се бореше за свањето домаќин на Експо 2020.

Путин зборуваше англиски и во Виена во 2010 година на Светското првенство во џудо.

Но, ниту еден говор не може да се спореди со тоа како Путин пее на англиски. Позната е неговата изведба на песната „Блубери хил“ на хуманитарната во вечер во 2010 година.

Судејќи според сѐ, Путин сепак може да разговара на англиски. На пример, во интервјуто на Си-Ен-Ен во 2008 година неочекувано почна да одговара на англиски: „All of us, we need preparation in some areas – we said about it during our talks, our meeting“.

Британскиот фотограф Платон исто така тврди дека Путин со него разговарал исклучиво на англиски, а разговорот се однесувал на Битлси!

Кога станува збор за дипломатијата, Путин зборува англиски само во разговори кои не се за камери, вели неговиот портпарол Дмитриј Песков. „Но, на преговори или кога се договора официјална средба, секако дека се разговара со преведувач. Сепак, тој одлично разбира англиски, така што понекогаш го поправа преведувачот“, додава Песков.

3. Татарски?

Татарскиот јазик на територијата на Руската Федерација е втор според бројот на говорители. Во таа чест претседателот во 2005 година се обрати во Казањ (главниот град на Татарстан) на татарски јазик по повод 1.000 години од основањето на градот. Путин тогаш рече дека Казањ играл важна улога во формирањето на единството на народите во Русија.

Ова секако не значи дека Путин зборува татарски. Тој дури и ги повтори своите зборови на руски, во случај некој да не го разбрал. Како и да е, премиерот на Татарстан Рустам Миниханов ја искористи можноста да им каже на своите министри дека од нив очекува да го научат јазикот кога веќе и Путин слободно зборува на татарски.

4. Шведски?

Шефот на претседателската администрација Сергеј Иванов во 2013 година рече дека Путин може да одговора на шведски јазик. Според пишувањата на руските медиуми, Иванов го рекол следново: „Претседателот одлично зборува германски, а јас англиски. Шведски знаеме малку и јас и тој. Тој може да каже нешто на шведски, а јас да одговорам“.

Иванов можеби научил малку шведски, работејќи во советската амбасада во Хелсинки, а се претпоставува и дека учел шведски на универзитетот во Санкт Петербург. Но, не е јасно од каде Путин знае шведски. Можеби станува збор за сличностите со германскиот јазик. Како што рече Иванов, „Путин не е филолог, но ги сака јазиците и лингвистиката“. Сепак, можеме да претпоставиме дека Путин знае шведски на почетно ниво.

Прочитајте уште: Путин: Искуството од КГБ ми помогна во граѓанската сфера

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња