Путин утре свечено го отвора Кримскиот мост

most.life
Друмската делница на Кримскиот мост ќе биде пуштена во сообраќај на 16 мај или цели шест месеци пред предвидениот рок. Претседателот на Русија Владимир Путин ден претходно ќе присуствува на свечената церемонија на отворање на мостот преку Керченскиот теснец, јавуваат денес руските медиуми.

Друмскиот сообраќај на Кримскиот мост ќе биде пуштен во работа на 16 мај во пет часот и триесет минути по московско време, соопшти информативниот центар „Кримски мост”.

Преку мостот во своите автомобили и возилата за јавен превоз први ќе поминат Кримјаните и жителите на Кубањ.

Максималната дозволена брзина на движење ќе биде 90 километри на час, а запирање на мостот нема да биде дозволено. Сообраќајот за патничките автомобили и автобусите ќе биде пуштен истовремено на двата брега на Керченскиот теснец по двете сообраќајни ленти во двата правци.

Пристапните сообраќајници од страната на Таманскиот и Керченскиот полуостров ќе бидат отворени во четири часот и триесет минути по московско време, значи еден час пред пуштањето во сообраќај на мостот.

Шефот на руската држава нема само да ја пресече црвената лента на новиот мост преку Керченскиот теснец туку ќе се запознае и со подготвеноста на Обединетиот центар за управување со патниот сообраќај и сите оперативни служби за ставање на мостот во функција. Претседателот на РФ ќе се сретне со работниците, инженерите и раководителите кои учествуваа во реализацијата на овој градежен потфат.

На 15 мај, инаку, е предвидено друмскиот дел на мостот свечено да го отворат градителите на преминот, кога по мостот ќе помине градежната техника, а во овој настан ќе учествуваат врвните домашни професионалци во сферата на мостоградбата.

Како што пишуваат руските медиуми, Путин ги надгледуваше работите на мостот од нивниот почеток во 2016 година, а градилиштето на најдолгиот мост (19 км) во Европа и Русија го посети четири пати. Како што се истакнува, вниманието што му го посветуваше на Кримскиот мост може да се мери само со градењето на олимписките објекти во Сочи.

Според зборовите на претседателот на Советот на директори на компанијата „Стројгазмонтаж“ Аркадиј Ротенберг, екипата на Кримскиот мост беше сочинета од преку десет илјади работници и инженери кои во тешки природни услови успеаја да го изградат мостот шест месеци пред рокот.

Како што наведува информативниот центар „Кримски мост”, на друмската делница на преминот се поставени сообраќајните знаци. На интернет претходно се појави видеоснимка на која се гледа колона товарни возила во пробно возење по новиот мост.

Прочитајте повеќе: Камиони на КамАЗ без возач тестирани на пристапниот пат до Кримскиот мост

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња