Танзиља Бисембеева, 122 години
Селцето Исламгази во внатрешноста на Астрахањската област (околу 1.400 километри јужно од Москва) пред неколку години беше во ударните вести зашто тогаш својот 120 роденден го прослави претставничката од казашката националност Танзиља Бисембеева од ова село, едно од најстарите лица во Русија. Сега таа има 122 години.
Танзиља е родена во 1896 година, уште во Царска Русија. Нејзиниот прв сопруг загинал на фронот во Големата татковинска војна, а нивното заедничко дете починало рано. Кога завршила војната Танзиља имала 49 години, немала ниту семејстви, ниту деца. Но, набргу ја побарал за жена еден постар Казах. Таа се согласила, а потоа добила и деца. Родила три сина кога имала 53. 54 и 57 години. Сите тројца ги има родено дома, а нејзините најблиски велат дека до стотата година нема отидено на лекар.
„Мама има видено многу во животот. Живеела од Распутин до Путин. Цел живот работеше, час на поле, час во градината“, вели нејзиниот син Шинтас Бисамбеев.
Разликата помеѓу Танзиља и најмладиот член на фамилијата е 119 години. Таа сега има 10 внуци, 24 правнуци и 2 чукунвнуци. Повеќе не изглегува надвор, но сама се движи низ дома, со задоволство ги следи светските настани и се храни само со природни состојки. Покрај тоа, во Астрахањската област според официјалните податоци има уште 71 жител кои се постари од 100 години.
Апаз Илиев, 122 години
Апаз е роден во 1896 година. Тој е жител на Ингушетија. Неговото село Гули е високо во планините. Апазсамо еднаш во животот се има симнато од планината. „Се симна од планината само за да војува – во револуцијата со белогардејците, а потоа замина на фронт во Големата татковинска војна. Од фронтот го депортираа во Казахстан“, раскажува неговиот роднина Ахмет.
Апаз никогаш во животот не пушел, ниту, пак, пробал алкохол. Јаде само зеленчук од својата градина, свежи млечни производи и свежо месо, и пие изворска вода. Сѐ уште ги има сите заби и не зема никакви лекови (се согласува само на вакцинација).
Тој има осум деца, 33 внуци и 34 правнуци, ги надживеал своите две жени и веќе погребал три свои деца. До пред само пет години јавал коњ и чувал стока, како што правел сиот свој живот. Сега само ја коси тревата и ја чисти шталата, потпирајќи се на лопатата како на штака. На прашањето што е најважно во животот, тој вели: „Човекот станува добар ако во него видиш нешто добро“.
Нану Шаова, 127 години
Во моментов таа е најстарата жителка на Русија. Навистина, нејзиниот датум на раѓање во личните документи е напишан како 00.00.1890. Во 19 век немало извод од матичната книга на родените, а кога ги добила личните документи никој не можел да се сети на датумот.
Шаова живее во Кабардино-Балкарија. Пред две години претседателот Владимир Путин ѝ го честиташе 125 роденден, а во март 2018 година беше најстариот државјанин на Русија кој гласаше на изборите. „Секој треба свесно и одговорно да избира. Не треба да се мисли дека нашите гласови ништо не решаваат“, рече таа пред да го стави гласачкото ливче во кутијата.
Нану има пет деца, 14 внуци и 21 правнук. Целиот живот го има поминато во целото Зајуково и работела во селскиот колхоз. Нејзиниот прв маж загинал на фронтот, а вториот го погребала во 1982 година. Нејзините внуци велат дека Нану многу сака бонбони, путер, сладок чај и ајран. По шест часот навечер не јаде ништо. Сѐ уште може да оди и добро да слуша, иако гледа слабо.