Игор Востриков, жител на Кемерово (сибирски град кој се наоѓа на 3.600 километри од Москва) стана жив симбол на трагедијата во својот град. Ги изгуби жена си, трите деца и сестра си во пожарот кој на 25 март 2018 година избувна во трговскиот центар „Зимњаја вишња“. Сите негови најблиски се најдоа во заклучената сала на киното и не можеа да избегаат.
Русија, Кемерово, 27 март 2018. Припадниците на Министерството за вонредни состојби на Руската Федерација го расчистуваат трговскиот центар „Зимњаја вишња“ на Ленинската авенија каде многу луѓе го изгубија својот живот во пожарот. Се демонтираат конструкциите во зградата и катовите се чистат од шут.
Максим Григорјев/TASS„Јас немам повеќе што да изгубам. Мојот живот е завршен“, рече Востриков пред камерите во случајна средба со новинарите во центарот на Кемерово на 27 март. Тој не е единствениот кој доживеа таква судбина. Според официјалните податоци во пожарот загинаа 64 лица, од кои 41 дете. Сега Кемерово и цела Русија бараат начин да го продолжат животот со свеста за овој настан.
28 март беше прогласен за национален ден на жалоста, но акциите на солидарност со Кемерово во целата земја започнаа порано. Веќе на 27 март во триесеттина градови, од Калининград на запад до Владивосток на исток, имаше собири и средби во знак на сеќавање на загинатите со изрази на солидарност со Кемерово. Околу 12.000 луѓе ги посетија собирите во Москва, каде сите во тишина околу еден час стоеја на Пушкиновиот плоштад.
„Не можев да седам дома и ништо да не правам зашто ги видов снимките од децата кои паѓаат низ прозорецот на трговскиот центар. Тоа беше ужасно“, „Комерсант“ го цитира Александар кој работи во сферата на услугите.
Меморијален собир на Дворцовиот плоштад во Санкт Петербург посветен на жртвите од пожарот во трговскиот центар „Зимњаја вишња“ во Кемерово.
Александар Галперин/SputnikСанктпетербуршката медиумска куќа „Бумага“ ја цитира Јана, учителка која исто така излегла во центарот на својот град за да положи цвеќе. „Јасно е дека ништо не може да се измени. Јасно е дека никој тука не може да почувствува нити стоти дел од страдањата на луѓето што ги изгубија своите деца, но и ние сме сите во шок. Мислам дека сум тука за да го симнам тој товар од срцето и видов дека не сум сама“.
Претседателот Владимир Путин на 27 март пристигна во Кемерово заедно со раководителите на Истражниот комитет и на Министерството за вонредни состојби на Руската Федерација. Според нивните соопштенија, пожарот најверојатно е предизвикан од краток спој. Агенцијата ТАСС на 28 март соопшти дека пожарот е најверојатно подметнат и дека започнал во детскиот базен со гумени коцки.
Првиот човек на Истражниот комитет Александар Бастрикин истакна дека противпожарниот аларм во трговскиот центар не работел од 19 март и дека ништо не било преземено во врска со тоа. Кога избувнал пожарот, работникот на обезбедувањето не го вклучил алармот. „Не можеме да сфатиме зошто не го направил тоа, изгледа како да не е професионалец“, рече Бастрикин (во меѓувреме овој чувар е веќе уапсен). Покрај тоа, многу излези во случај на опасност биле затворени, што придонело за поголем број жртви.
„Се претпоставува дека во зградата на трговскиот центар (пред неколку години) се вршени градежни работи во кои не се почитувани многу норми, и дека, меѓу другото, нелегално е променет и структурата на зградата“, изјави Бастрикин. Путин во обраќањето до граѓаните на Кемерово изјави дека се врши детална истрага и дека „сите сторители ќе бидат казнети“. Губернаторот Аман Тулеев на 28 март му даде отказ на својот заменик и на шефот на регионалната администрација.
Во изминативе три дена се појавија гласови дека властите намерно го намалуваат бројот на загинати. На централниот плоштад имаше и такви кои со многу гнев зборуваа дека загинале 335 луѓе и дека нивните тела се во локалната мртовечница. Веднаш меѓу присутните беа избрани претставници кои ги посетија мртовечниците и утврдија дека тоа не е точно.
Собир на Пушкинскиот плоштад по повод трагедијата во кемеровскиот трговски центар „Зимњаја вишња“ на Ленинската авенија каде на 25 март 2018 година во пожар животот го изгубија 64 лица, од кои најголем дел беа деца.
Сергеј Бобиљев/TASSИнтернет-порталот The Village го спореди официјалниот број на загинати со податоците од влезниците купени за киното во „Зимњаја вишња“ (поголемиот број го загубија својот живот во него) и потврди дека официјалните бројки се точни.
Подоцна излезе дека гласовите се проширија по телефонскиот повик во една мртовечница со прашање дали има место за 300 трупови. Украинскиот пранкер Евгениј Вољнов потврди дека токму тој се јавил во мртовечницата со цел „да им покаже на Русите во што ја претвориле својата држава“. Многумина се револтирани од ваквата постапка. И Русите и Украинците го критикуваат Вољнов. „Омразата кон Украинците (во Русија) и постои и се шири поради монструмите како што е тој“, напиша на Твитер украинскиот новинар Анатолиј Шариј.
Според официјалните информации животот го изгубиле 64 лица (41 дете). Министерството за вонредни состојби на 28 март соопшти дека сите тела се пронајдени.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче