Што го поврзуваше Стивен Хокинг со Русија?

Начин на живеење
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Најпознатиот теоретски физичар на современоста го има посетено Советскиот Сојуз неколку пати, а неодамна ја поддржа идејата на рускиот милијардер за потрага по живот на други планети.

На 14 март познатиот научник Стивен Хокинг, британски блескав ум познат по проучувањето на црните дупки и комбинирањето на квантната механика со Ајнштајновата теорија на релативитетот, почина во 77 година.

Патување во СССР и криумчарење на Библија

Алексеј Старобински, руски астрофизичар се запознал си Хокинг уште во 1973 година кога британскиот научник допатувал во Москва да разговара со него и со докторот по физика и астроном Јаков Зељдович за црните дупки.

„Беше навистина извонреден научник“, се сеќава Старобински на Хокинг во интервју за ТАСС. „Мечтаеше дека можат да се објаснат не само сите појави, ами и дека може да се пресмета сè што сега гледаме. Тоа беше амбициозна задача и тој беше мошне близу до нејзиното решавање“.

Хокинг има доаѓано во СССР повеќе пати за да се состане со советските научници кои не смееле да ја напуштат земјата.

„Првпат допатував со група студенти. Еден од нив беше баптист кој криумчареше Библија“, раскажуваше Хокинг за ТАСС во 2016 година. „Преку советската граница лесно ги пренесовме книгите, но нè запреа на враќање. Сепак, за да се избегне меѓународен скандал, по неколку часа нè пуштија“.

Во истото интервју Стивен Хокинг рече дека сакал да патува во Русија и дека би сакал повторно да ја види.

Во потрага по живот на други планети

Последните неколку години научникот ја поддржуваше идејата на рускиот бизнисмен Јуриј Милнер за потрага по живот на другите планети.

„Приврзаник сум на проектот што го започна Јуриј Милнер. Земјата не е единствениот извор на живот во универзумот. За да преживееме во долгорочна перспектива важно е да ги напуштиме границите на нашата мала планета. Постојат многу закани за понатамошниот опстанок на Земјата. Мораме да се сосредоточиме на универзумот и да патуваме на другите планети“, велеше Стивен Хокинг.