Тринаесетгодишна Русинка прва лизгачка која изведе два четирикратни скока!

Владимир Песња/Sputnik
Ви ја претставуваме Александра Трусова.

Во саботата, 10 март, уште една лизгачка од Русија го објави своето присуство во светот на лизгањето. Тринаесетгодишната Александра Трусова ја освои јуниорската титула на светска првенка и влезе во историјата така што изведе два четирикратни скока во својата слободна програма на Јуниорското светско првенство во лизгање во Софија.

Таа е првата лизгачка која успеала на натпреварување да изведе два четирикратни скока и втора која извела целосен четирикратен скок на натпреварување по четирикратниот салхов скок на јапонската лизгачка Мики Андо на јуниорското Гран при финале 2002 година.  Трусова во саботата изведе четирикратен салхов и прв четирикратен тулуп кој било кога го извела една лизгачка на едно натпреварување.

„Мило ми е што победив, но уште посреќна сум што успеав да изведам два четирикратни скока. Се подготвував за тоа“, изјави лизгачката за ISU. „Кога ги изведов скоковите бев многу среќна, но остатокот од програмата беше пред мене. Имав уште три тешки комбинации и морав да се приберам“.

Таа во Софија освои 225,25 бодови и јуниорска титула седми пат во последниве осум години. Поради старосната граница Александра не може да се натпреварува во сениорска конкуренција пред 2020 година.

Тренерот на Александра Етери Тутберидзе работи и со други руски лизгачки ѕвезди, вклучувајќи ги освојувачките на златниот и сребрениот олимписки медал Алина Загитова и Евгенија Медведева.

Етери Туберидзе

Александра е родена во Рјазањ (196 километри североисточно од Москва) и почна да се занимава со лизгање во 2008 година, а подоцна се пресели во Москва и во 2016 година му се приклучи на тимот на Тутберидзе.

Како успеа да изведе два четирикратни скока?

Александра вели дека носела посебни панталони додека ги учела четирикратните скокови за да избегне повреди. „Не се свртувам особено брз. Висината на моите скокови ми овозможува да управувам со скокот. Можам да скокнам мошне високо, мислам“, објаснува таа. „Ако човек секојдневно тренира скокови, тој или таа ќе може да ги изведе. Морате едноставно да работите и не смеете да се плашите. Едноставно сакав да го совладам тоа и никогаш не се плашев да се обидам. Ако некој навистина нешто сака, може да го постигне тоа“.

Некои сметаат дека физичките предиспозиции на Александра ѝ даваат предност пред другите натпреварувачки. Таа е висока само  148 сантиметри и тешка максимум 35 килограми. Толку минијатурното тело ѝ овозможува да изведува повеќекратни скокови.

Колку е лизгачот потежок и повисок, толку потешко му е да ја одржи рамнотежата додека изведува толку сложени и опасни скокови, вели Дарја Тубољцева, новинарка на веб-сајтот „Шампионат“.

Според неа, што телото на Александра ќе почне да се менува во пубертетот, таа тешко ќе може да продолжи со сегашните резултати. Освен тоа, секогаш постои ризик од повреда.

„Дали таа ќе биде во состојба да изведува вакви скокови и во сениорска возраст? Ќе мораме да почекаме и да видиме“, вели Татјана Тарасова, руски тренер во уметничко лизгање и советник на репрезентацијата на Русија „Тренерите ја открија, ја научија и сега е нивна одговорноста да ѝ помогнат да ги задржи своите способности“.

Александра вели дека во уметничкото лизгање отсекогаш најмногу ги сакала скоковите, но ужива и во останатите делови на тренингот. „Сега кога почнав да настапувам на светските првенства и големите натпреварувања, лизгањето ми стана работа. А секогаш сум мислела дека работата е нешто здодевно“, изјави таа. „Но јас го сакам уметничкото лизгање и секогаш тренирам со задоволство“.

Прочитајте повеќе: Која е новата руска ѕвезда на уметничкото лизгање?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња