Андреј Павлов постира ќебе на земја и се сместува во близина на мравјалник за да ги набљудува дневните активности на неговите жители. На овој начин ги запознава навиките на мравките, што сакаат, што не сакаат, како и внатрешната организација на мравјото општество.
„Пред нашите очи се одвива живот полн со забрзаност. Ако излегуваат надвор тешко можеме да видиме кој е кој. Но, кога се враќаат, можеме да сфатиме сè според тоа што носат: овој смешниот со голем стомак мора да е млекаџија кој се враќа од работа. Ловците носат гасеница зашто им се потребни многу белковини за да го нахранат своето сакано потомство“.
„Ги проучував резултатите кои ги постигнува дигиталната фотографија на еден квадратен метар треба покрај мојата селска куќичка заедно со сите малечки жители. Ме фасцинираа. Токму мравките ми помогнаа да ја пребродам критичната ситуација“, вели Павлов.
На фотографот му биле потребни три години за да воспостави контакт со жителите на мравјалникот и за да ја усоврши вештината на „режисер“ кој е одговорен за доброто и за сработеното на своите „глумци“.
Фотографот ја користи природната љубопитност која на мравките им е вродена. Тој само поставува декор онаму кадешто се наоѓаат мравките или, пак, ги поставува мравките на сценографијата и додава некаква позадина. А, мравките не можат да одолеат со своите ножиња да не ги испитаат поставените објекти.
Андреј Павлов вели дека мравките се мошне интелигентни. „Во текот на 150 милиони години од својата историја оваа биолошка цивилизација има развиено голем број еколошки начини да се одржи во живот и бројни стратегии за опстанок. Засега не се знае кој цивилизација ќе се покаже како поодржлива: човековата или мравјата“.
Истражувачите кои ги проучуваат мравките се сложуваат со фотографот. „Мравките имаат строга поделба на работата. Неколку дена откако ќе ја напушти чаурата, мравката-работник може да си избере професија“, вели во интервју Анатолиј Захаров, доктор на биолошки науки кој се занимава со проучување на мравките.
„Мравките имаат вистински училишта. [...] Прво женката ги положува јајцата. [...] Кога ќе се роди мравката за неа се грижат посебни 'бебиситерки'. Во просек една новородена мравка има 2-3 дадилки кои ѝ помагаат да излезе од чаурата, ја хранат и ја чистат. Во таа смисла мравките се посупериорни од луѓето, зашто ние имаме поголем проблем со недостаток на детски градинки“, вели научникот.
„Црвената шумска мравка, позната како Formica Rufa, ги има совладано сите препреки и има достигнато ниво на општествена соработка која е сè уште е недостижна за другите земски облици на живот. Овој факт, иако нерадо, го признаваат и научниците од човековиот вид“, пишува фотографот во описот на својот проект на сајтот.
„Кај нив детството и образованието се осигурени. Изборот на професија е слободен. Индивидуалноста се почитува и талентот се признава. Староста е достоинствена. Индивидуата не може да го замисли животот без семејството и за неа е подготвена да го даде својот живот (што за многу луѓе е разбирливо). За да се постигне заедничка цел, подготвени се за соработка и со дилетанти и со оние кои им се рамни по способноста и по интелектот, што луѓето, за жал, сè уште го немаат постигнато“, го опишува Андреј Павлов животот во мравјалникот.