Путин: Комунистите ја почитуваат мумијата на Ленин како што христијаните ги почитуваат светите мошти

ЕРА
Претседателот на Русија Владимир Путин во интервјуто за филмот „Валаам“, чиј исечок беше прикажан во емисијата „Вести на неделата“ на телевизијата „Русија 1“, го спореди комунизмот со христијанството, а почитувањето на мумијата на Ленин во мавзолејот со почитувањето на моштите на светителите.

На рускиот претседател му беше поставено прашањето како граѓаните на Русија во морална смисла се измениле од периодот кога земјата била во хаос во текот на револуцијата и по неа, кога манастирот Валаам бил затворен, и дали верата (не само православната) одиграла некаква улога во тоа.

„Можеби ќе кажам нешто што некому нема да му се допадне, но ќе го кажам она што го мислам“, одговори Путин. „Пред сѐ, таа вера секогаш нѐ следеше. Таа стануваше сѐ посилна кога на нашата земја и на нашиот народ им беше особено тешко. Имаше многу тешки години на богоборство, кога се убивани свештеници и уништувани храмови, но во исто време е создавана нова религија“:

Шефот на руската држава додаде дека комунистичката идеологија всушност е многу слична на христијанството, затоа што проповеда слобода, братство, еднаквост, правда, т.е. сѐ што е втемелено уште во Светото Писмо. „Таму сето тоа постои. А каков е кодексот на градителите на комунизмот? Тоа е сублимација, своевиден  примитивен извадок од Библијата. Тие не смислија ништо ново“, рече Путин.

Рускиот лидер го спореди почитувањето на мумијата на Ленин во таа „нова религија“ со почитувањето на светите мошти во христијанството. „Тогашната нова власт во суштина не смисли ништо ново. Таа само го прилагоди на својата идеологија она што на човештвото веќе одамна му беше познато“, заклучи тој.

Иван Мељников, првиот заменик-претседавач на Централниот комитет на Комунистичката партија на Руската Федерација ги коментираше овие зборови на Путин, истакнувајќи дека тие „многу корисно и аргументирано ги ублажуваат сите крајности поврзани за темата на мавзолејот“. „Во таа смисла неговите тези можат да се оценат само позитивно“, изјави тој за РИА „Новости“.

Прашањето за закопување на мумифицираните посмртни останки на предводникот на болшевичката револуција е веќе со години една од актуелните теми за кои се расправа во руското општество. Неодамна раководителот на Чеченија Рамзан Кадиров предложи да се закопа она што останало од телото на Ленин. На тој предлог реагираше претседателот на Комунистичката партија на Руската Федерација Генадиј Зјуганов повикувајќи на „смиреност” и тврдејќи дека телото на водачот на револуцијата се чува согласно православните канони.

Прочитајте повеќе: Од што всушност умрел Ленин?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња