Нина Кравиц е родена во Иркутск (5200 километри источно од Москва), хаус музиката ја засакува во раните тинејџерски години. По преселбата во Москва дење работи како стоматолог, а ноќе пушта музика во различни клубови во Москва. Работела и за неколку музички списанија во Москва. 2006 година се запишува на „Ред Бул“ музичката академија во Мелбурн, а само две години подоцна станува големо име во клубови на рускиот главен град.
Нина самата пишува музика и продуцира. Покрај тоа, таа пее на своите композиции, а исто така, позната е и по танцувањето зад диџејскиот пулт. Нејзиниот истоимен деби албум беше издаден во 2012 година за етикетата Рекидс, по што следеше албумот Mr. Jones во 2013 година. Во 2015 година, Нина сними микс албум со 48 песни за проектот DJ-Kicks.
Од „МиксМаг“објаснуваат зошто ја прогласија за најдобар женски диџеј за 2017 година: „Независно од тоа дали настапува на најголемите светски сцени или во најинтимни простори, бестрашните избори на Нина, извонредното експериментирање и подготвеноста да се игнорира вообичаената дефиниција за електронска музика ја направија кралица на 2017 година“.
„На сцена сум друг човек. Тоа е некој друг, како алтер его. Можете да бидете лошо расположени, уморни, слаби и болни, но на сцената на мора да си ја завршите вашата работа како што треба“, вели Нина.