Мрсната коса за многумина претставува вистински проблем. Луѓето со ваков тип коса ја мијат секојдневно, зашто инаку се соочуваат со слепени влакна и неуреден изглед. Мрсната коса мошне лесно се третира со природни шампони. Треба да се знае само дека овие шампони треба подолго да се држат на косата за да се постигне саканиот ефект.
Шампон од синап
За подготвување на овој шампон потребна е едена супена лажица синап во прав, една жолчка, половина чајна лажичка природно масло (може и за готвење) и малку вода. Сите состојки се мешаат со додавање на мало количество вода за да се добие еднородна маса во вид на каша. Смесата се нанесува на главата и се остава да дејствува неколку минути. Потоа едноставно измијте ја косата со топла вода.
Шампон од сода
Измешајте две супени лажици сода бикарбонат со две лажици вода. Мешајте дури содата целосно не се раствори во топлата вода. Со овој раствор измијте ја косата, оставете да дејствува неколку минути. Потоа исплакнете ја и повторно измијте ја со чај од коприва. На крајот исплакнете. Содата е мошне добро средство за скалпот, а исто така дејствува антибактериски. Чајот од коприва се користи за повторно да ѝ даде влага на косата по третирањето со сода.
Солен шампон
Ова средство повеќе наликува на скраб, одошто на шампон. Сè што е потребно е морска сол со која ќе го измасирте скалпот. Бидете нежни при масажата за да не ја оштетите кожата на главата. При масажата солената вода ќе се слее и на влакната од косата. Морската сол во себе содржи огромно количества минерали со што се нормализира размената на липидите, а со тоа и косата побавно ќе се мрси. По неколкуминутна масажа добро измијте ја косата со топла вода.
Сувата коса изискува внимателна нега, па затоа не треба да ја миете со сода или со синап.
Шампон од жолчка
Овој шампон е мошне добар за оние кои имаат тенка и сува коса. Жолчката од јајцето содржи многу полезни масти и витамини кои влијаат на обновувањето на структурата на косата однатре. За приготвување на овој шампон потребно е да изматите две жолчки за да добиете еднородна пенлива маса. Со добиената течност измијте го и скалпот и косата и убаво измасирајте. Потоа измијте ја косата со големо количество топла вода.
Лебен шампон
Овој шампон е мошне добар за кршлива коса. Витамините од групата Б кои ги има во лебот, на вашата коса ќе ѝ ја вратат силата и изгубениот сјај. Потребни се неколку парчиња 'ржан леб (лебот треба да биде од брашно, без семки). Извадете го мекиот дел од лебот и прелејте со чај од коприва или од камилица. Потоа смесата истријте ја низ сито, додајте една жолчка и половина чајна лажица маслиново масло. Мешајте додека не добиете смеса во вид на каша. Средството нанесете го задолжително на мокра коса. Масирајте неколку минути, а потоа исплакнете со големо количество топла вода.
Билен шампон
Многумина овој шампон го сметаат за тоник зашто не содржи ништо освен билки, но секоја од нив има различно влијание врз косата, со што се добива ефект на шампон кој лесно се мие. Во сад ставете по десет грама камилица, коприва, невен и кора од даб. Потоа прелијте со 500 милилитри зовриена вода. Оставете да отстои еден час. Со оваа течност добро измијте ја косата, триејќи ги нејзините корени и скалпот. Измијте ја косата со топла вода. Ефектите од овој шампон се достигнуваат по неколку миења со што се обезбедува долгорочно обновување на природниот баланс на кожата на главата.
Тенката и кршлива коса бара постојана нега и потхранување на коренот на влакното. Со цел да ги направите вашите влакна на косата подебели, а со тоа и поцврсти, потребни се посебни домашни шампони за потхранување.
Шампон од јајца
Изматете едно цело јајце, а потоа исцедете го преку сито. Во него додадете малку морска сол, неколку капки етерично масло и една чајна лажица лимонов сок. Потоа со оваа смеса измијте ја косата со кружни движења сè дури не добиете пена. Измијте ја главата со топла вода.
'Ржан шампон
'Ржаното брашно во себе содржи многу повеќе витамини од 'ржаниот леб. За подготовка на овој шампон измешајте две супени лажици 'ржано брашно со кефир за да добиете смеса со густина на кисела павлака. Додајте неколку капки етерично масло, едно јајце и малку лимонов сок. Добро измешајте. Нанесете ја смесата на косата и со кружни движења мијте ја неколку минути. Добро исплакнете со топла вода.
Шампон од глина
За овој рецепт потребна ви е зелена, сива или сина козметичка глина. Неколку лажици од глината измешајте со млеко за да добиете густина на јогурт. Потоа додајте една изматена белка и половина лажичка маслиново масло. Убаво измешајте ја смесата, нанесете ја на главата и масирајте. Исплакнете со големо количество топла вода.
Овој шампон можете да го користите секојдневно без да се плашите дека ќе ѝ наштетите на вашата коса. Можете да го направите и во поголеми количества, но мошне е важно да го чувате во фрижидер и да го искористите најмногу седум дена по неговото приготвување. Најпрво изматете едно јајце, во него додајте половина лажичка маслиново масло, половина лажичка јаболков оцет и две лажици кисело млеко. Смесата изматете ја убаво за да добиете еднородна маса. Со овој шампон добро измасирајте ја косата и на крајот измијте ја со големо количество топла вода.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче