Руската медиумска куќа RT претставува нов проект и на македонски јазик!

Александар Кислов
Сајтот „Руска реч на македонски, кој постои речиси пет години, добива ново срце и ново лице.

Почитувани читатели на порталот „Руска реч на македонски“,

После долги години дружење, го дочекавме и моментот да ви го покажеме нашиот нов сајт, еден потполно свеж и оригинален проект.

Пред сè, го сменивме името. Како што знаете, „Руска реч на македонски“ е македонската верзија на сајтот кој досега го нарекувавме RBTH, што е кратенка од мошне долгиот назив Russia Beyond The Headlines. Отсега ќе се викаме пократко, само Russia Beyond. Исто така, решивме називите на нашите 13 страници на 13 различни јазици воопшто да не се разликуваат, па затоа називот „Руска реч на македонски“ станува дел од историјата. Новата основна адреса на нашиот сајт е mk.rbth.com. Се разбира, и старата адреса mk.rbth.com ќе ве доведе до нашиот сајт – слободно обидете се.  

Откако во 2007 година го започнавме проектот Russia Beyond The Headlines (RBTH), а во Македонија 2012 година го лансиравме сајтот „Руска реч на македонски“ и истоимениот печатен подлисток во весникот „Нова Македонија“, секогаш ни беше целта да дадеме придонес за подобро разбирање на Русија во светот. Сега си поставивме пред себе уште поамбициозна задача – да станеме вашиот главен извор на корисни информации поврзани со Русија, без оглед дали се работи за култура, патувања, образование, изучување на јазици, начини на водење на бизнис или нешто друго. Новата листа на категории е очигледен показател дека сферите на вашиот интерес се клучното нешто.

Во врска со Русија има толку многу нешта за истражување, што човек може да се збуни дури и кога планира патување или проучува некој проект. Ние би сакале да станеме вашиот водич, помошник и советник за секое прашање поврзано со Русија. Со текот на времето ќе ви понудиме и дополнителни комплексни услуги, но засега тоа нека остане тајна.

Во нашата стратегија е очигледно свртувањето кон визуелната содржина, затоа што гледаме дека расте интересот за видеоснимки од Русија. Ќе продолжиме да ви го нудиме она што е најдобро во таа смисла, а ќе правиме и наши сопствени видеоматеријали и краткометражни документарни филмови.

Да го погледнеме сега и новиот дизајн. Последен пат го обновивме изгледот на нашиот сајт во 2015 година, а општата шема на неговиот дизајн не се менуваше од 2011 година. Ова што сега го читате е неколку светлосни години подалеку од претходниот изглед. Мислевме на сето она што се појавува на екранот и ви го свртува вниманието додека читате статија или гледате видео и тоа го отстранивме.

Друг важен детаљ се ГОЛЕМИТЕ СЛИКИ. Ние ги сакаме исто колку и вие. Сега повеќе нема потреба од зголемување на сликата за да можете одблиску да го видите крзното на мечката или архитектонските детали на фасадата на црквата. Какво олеснување!

Ве повикуваме да го споделите со нас она што го мислите за нашата нова содржина и сајтот. Тоа можете да го направите во коментарите под овој текст, или да ни напишете на адресата urednik@ruskarec.mk. Да, ги читаме тие писма, ги читаме и вашите коментари и пораки во нашата „Фејсбук“ група https://www.facebook.com/ruskarecmk/, која засега останува со стариот назив.

Русија има 11 временски зони, 147 милиони луѓе и стотици илјади приказни кои сакаме да ви ги раскажеме.

Голема благодарност што сте со нас,

Вашиот македонски тим на проектот Russia Beyond.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња