4 најдобри гастрономски театри во Москва

Архива на прес-службата
Со помош на храна, видео и аудио-записи, режисерите со главните готвачи раскажуваат неверојатни приказни за светот, земјата и самите гледачи

1. KRASOTA

Ресторан-барот има само 20 седишта и комбинира имерзивна и гастрономска уметност. Седнати на голема тркалезна маса, гостите гледаат големи видеопроекции кои постојано се менуваат. На пример, во презентацијата „Имагинарна Русија“ (Imaginary Russia) можете од паганската ера да се преселите во периодот на СССР или во модерната ера, како во времеплов.

Гостите се наоѓаат во затемнета тркалезна сала без прозорци, јадењата се сервираат динамично и го задржуваат вашето внимание. Дејството се одвива и во чиниите и околу вас: на ѕидовите и масите наизменично се менува низа видеоснимки кои ве пренесуваат во соодветните историски моменти и ве принудуваат да чувствувате носталгија или да го преиспитате минатото.

„Во проектот експериментираме како да ги преведеме сликите во храна и да предизвикаме различни чувства“, вели Владимир Мухин, главен готвач и на овој проект и на холдингот „White Rabbit Family“. „Успехот во овој процес се постигнува само благодарение на субјективното искуство на поединецот. На пример, моето лично искуство на страшна бура додека пловев во Норвешка ми дозволи да го доловам на една вечера, како што го пренел Ајвазовски во неговата слика „Деветтиот бран“.

Krasota веќе организираше вечери посветени на Русија и делата на осумте руски сликари. На пример, „Imaginary Art” ги реинтерпретира делата на Репин, Петров-Воткин, Шагал и други. А во јануари овде премиерно ќе биде прикажан новиот сет „Imaginary Future“ на кој ќе бидат раскажани седум приказни за можни варијанти на иднината, од изградба на мегаполиси на дното на океанот до доминација на вештачката интелигенција во светот. .

Адреса: Москва, Романов переулок 2, зграда 1

Сајт: https://krasota.wrf.su/en

Влезници од 23500 рубли

2. SVET

Ова шоу зборува за патување во имагинарен експресен воз низ човечките пороци. Гостите седат во сала каде што масите се наредени една спроти друга. Визуелните прикази на ѕидовите се менуваат. Се прикажуваат космос, море, апстракции, глетки низ прозорецот на купе... Повремено се слуша вокал во живо. На гледачот му се нуди да размислува за актуелните теми од современото доба, т.е. за пари, секс, одмор, моќ, его... Овој перформанс не случајно го доби името Guilty Show.

Има вкупно шест дејства, а за време на паузите се служи вечерата на готвачот Станислав Песоцки, главниот популаризатор на „нордискиот“ (скандинавски стил во гастрономијата) во Русија.

„Нашето шоу има низа различни „сложувалки“, а храната е една од нив“, вели Песоцки. „На пример, во блокот за „одмор“, ние сме на дното на океанот. Самото дејство и сцената зборуваат за морето, па храната на чинијата е од морски производи: неколку видови кавијар, алги, бакалар итн. Тука немаше потреба да се смисли ништо. А во блокот „Его“ се зборува за она што секогаш е скриено од погледот. Постои „школка“, надворешноста на личноста, и има „срж“, внатрешност, така што идејата беше преку скриена презентација да се долови сликата на празнина. Човекот добива бела чинија осветлена од светлина и ја сфаќа „вистината“ единствено со кршење на снежнобелата конструкција на неа.

Адреса: Москва, Подкопаевски переулок, 4а

Сајт: https://svetshow.ru/en/

Влезници: 18000 рубли

3. Madison

Во претставата „Mad Girls“ публиката се пренесува во атмосферата на американско кабаре од почетокот на ХХ век. Ефективните хероини во опкружувањето на луксузни декорации од кадифе, стакло, дрво и бронза пеат, танцуваат, ги раскажуваат своите приказни и фантазираат. Претставата се одвива и на сцената, и над масите (како во циркуските претстави), и меѓу нив. За време на кратките паузи масите ги послужуваат келнери.

Сè започнува со паштета од пилешки гради во чоколадна глазура. Следи мармалад од цвекло со сирење Лабне и чипс од слад, и морски чешли во мус од чаден сулугуни. Главното јадење е месо од елен со ајоли сос од црн лук и полнети компири. За крај - ефектен десерт од црна рибизла, крем од анчан чај и Tuile бисквити од кафе.

„Составен дел на задачата во шоуто беа смелите комбинации. Јадењата беа намерно на работ на прифатливото за да предизвикаат различни емоции“, вели продуцентот на перформансот Алексеј Лисенко. Така, на пример, се појави необичната комбинација од морски чешли и мармалад од цвекло. Тешко дека на друго место некој ќе проба нешто слично“.

Адреса: Ленинградски проспект 31А, зграда 1

Сајт: https://madison.moscow

Влезници: 7500-12500 рубли

4. Огледалото на Карлос Сантос

12 гледачи, 12 соби, 24 актери и 1000 квадратни метри во центарот на Москва. На овој простор се одржува театарска „променада“ со вечера на крајот. Како се одвива прошетката? Деталите од претставата се чуваат во строга тајност, но еве што се знае: на почетокот десетина гледачи слободно се движат во прилично големиот простор - режисерот го одредува темпото, понекогаш забрзувајќи, понекогаш забавувајќи ја нарацијата. 24 актери играат за само 12 гледачи. Секој гледач доживува субјективен визуелен и аудио спектакл, реагирајќи на настаните што се одвиваат околу него.

„Претставата покренува различни теми. Зборува за животот, смртта, лагите, преправањето... По малку личи на сесија кај психолог, бидејќи гледачите не ги следат сцените пасивно, туку се вживуваат во нив или учествуваат во нив“, ги пренесува своите впечатоци на интернет корисничката catherine-catty.

Организаторите предупредуваат дека во претставата се користат нагли промени на осветлувањето, па гледачот може да се најде во тесен простор, што може да го наруши личниот психолошки комфор.

На крајот на променадата, гледачите ги чека  гледачите ги чека едноставна вечера на заедничка маса, на која секој може да избере храна по свој вкус - риба или месо, печен и свеж зеленчук, сирења и вино. Овде можете да ги споделите личните впечатоци со другите учесници и да ги споредите емоциите.

Оваа претстава ја осмислија и поставија режисерот Талгат Баталов и продуцентот и угостител Евгениј Кадомски според текстот на драмскиот писател Максим Курочкин.

Адреса: Бољшаја Дмитровка 32, зграда 1

Сајт: zerkalo.life/performance

Влезници: 5000-6900 рубли

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња