Најдобрите ресторани во Москва во изборот на водичот на Мишелин

Vyacheslav Prokofyev/TASS
Престижниот француски кулинарски водич издвои 69 угостителски објекти во Москва, од кои девет ги добија познатите sвездички.

„Во Москва има многу sвезди, но Мишелинови досега немаше“, се пошегува на свечената презентација на Водичот градоначалникот на руската престолнина Сергеј Собјанин. Москва има сериозни историски гастрономски корени. Трговците и благородниците ги давале последните рубли за да ги почестат гостите како што треба. Во советско време многу традиции исчезнаа, а врвните ресторани беа претворени во советски угостителски објекти за општествена исхрана. Во деведесеттите години на минатиот век Русија и Москва се обидуваат да го надоместат пропуштеното. Се отвораат стотици добри ресторани кои ги фасцинираат гостите со префинети јадења на менито.

Москва е првиот град во Заедницата на независни држави одликуван со ѕвездички и други признанија од Мишелин, а Русија е удостоена со големото гастрономско признание како триесет и третата земја во светот.

Зошто Водичот пристигна во Русија токму сега?

Според меѓународниот директор на водичите на Мишелин Гвендал Пуленек, работата над московскиот Водич траела пет години. Експертите анонимно ги посетувале рестораните и ги оценувале во согласност со меѓународните стандарди според неколку критериуми, кои подразбираа квалитет на јадењата, вештина на готвење, оригиналност на јадењата, односот цена-квалитет и доследноста на посетителите. Пандемијата ги внесе своите корекции во постапката за оценување и објавување на резултатите.

Гвендал Пуленек

„Проектот претставуваше предизвик за сите нас со оглед на пандемијата, ограничувањата на патувањата и откажувањата на настаните. Но, на крајот на краиштата, ја завршивме работата. Со радост можеме да кажеме дека Москва, како една од дестинациите на гастрономскиот туризам, има огромни перспективи за развој. Градот несомнено има свој кулинарски идентитет. Многу готвачи работат со локални производи, внимателно негувајќи ја кулинарската традиција на својот регион. Во првото московско издание ќе влезат 69 ресторани“, рече Гвендал Пуленек на презентацијата на Водичот во Москва. Како што нагласи тој, тоа е само почетокот што треба да го поддржи ресторанското работење.

Две ѕвездички: Најдобри меѓу најдобрите

Два московски ресторана добија две Мишелинови ѕвездички. Признанието значи дека ресторанот е толку добар што треба да се посети дури и ако не ви е по пат.

Twins Garden

Две ѕвездички доби ресторанот Twins Garden кој го водат браќата Иван и Сергеј Березуцки. Има повеќе меѓународни награди, а месецов на листата The World's Best 50 Restaurants го зазеде триесеттото место. Браќата промовираат спрега на науката и природата, а повеќето состојки во ресторанот пристигнуваат директно од нивната фарма.

Сергеј и Иван Березуцки

Другиот ресторан во оваа категорија е fine dining ARTEST - Chef's Table — новиот (отворен во февруари) ресторан на шефот на кујната Артјом Естафјев и ресторатерот Аркадиј Новиков. Естафјев неодамна се пресели во Москва од Санкт Петербург, но успеа наголемо да ја освои московската публика со својот пристап кон кулинарството. Тој става посебен акцент на локалните намирници, користејќи диви билки и ретки печурки.

Артјом Естафјев
Artest

Една ѕвездичка: Ова место вреди да се посети!

Седум ресторани во руската престолнина добија една Мишелинова ѕвездичка.

Меѓу нив се:

-ресторанот на авторска кујна „Selfie” на чело со шефот на кујната Анатолиј Казаков (на меѓународната листа на стоте најдобри шефови на кујна The Best Chef Awards 2021);

-ресторанот на руски деликатеси „Белуга“ во кој може да се пробаат дваесетина видови кавијар со импресивен поглед на Црвениот плоштад и мени на шефот на кујната Евгениј Викентјев.

Белуга

- ресторанот-винотека Grand Cru на Патријаршиские пруди со Давид Емерле на чело;

- познатиот панорамски ресторан White Rabbit во центарот на Москва со шефот на кујна Владимир Мухин и неговиот иновативен пристап кон руската кујна (25-ти на листата The World's Best 50 Restaurants);

Владимир Мухин
White Rabbit

- гастробистрото Biologie со внимателниот однос спрема природата и Екатерина Аљохина на чело на кујната.

Екатерина Аљохина

- ресторанот што ќе ве воодушеви со разновидната понуда на морски плодови „Сахалин“ (шеф на кујната Алексеј Когај);

- модерниот ресторан „Сава“ во рамките на историското здание на хотелот „Метропол“ во строгиот центар на Москва (Андреј Шмаков).

Андреј Шмаков
Савва

Зелени ѕвездички

Ова признание Мишелиновиот водич им го доделува на рестораните кои водат сметка за потрошувачката, фрлањето на храната, кои ја уважуваат сезоналноста. Зелена ѕвездичка во Москва добија рестораните Biologie (шеф на кујната Екатерина Аљохина), Twins Garden (Браќата Березуци) и ресторанот на северна кујна Bjorn (Никита Подерјагин).

Biologie

Добра храна за мали пари

15 ресторани во кои може убаво да се јаде за 2000 рубли (23 евра) се најдоа на листата BIB Gourmand. Меѓу нив се Севичерия, Delicatessen, Bjorn, Eva, Erwin.РекаМореОкеан, Flor, Жеральдин, Hibiki, Казбек, Lucky Izakaya bar, Рыбторг, Tilda, Ugolek, Vani и Uilliams.

Водичот на Мишелин препорачува уште 45 московски ресторани.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња