„Момински гради“, свадбени лепчиња од Мордовија (РЕЦЕПТ)

Олга Бровкина
Меките лепчиња од рускиот регион Мордовија се многу лесни за подготовка и се одличен начин да ги воодушевите гостите на секоја чајанка.

Иако овој крај е сместен во срцето на Русија, богатото кулинарско наследство на Мордовија дополнително е обликувано од древниот начин на живот на угро-финските народи и нивната длабока поврзаност со земјата. Историски гледано, овие луѓе биле собирачи, ловци и рибари, пред да почнат да ја обработуваат земјата и да одгледуваат добиток.

Млекото долго време имало клучна улога во нивниот секојдневен живот, бидејќи често се конзумира како добро познат пијалок во изворниот облик, но се користи и како основна состојка во подготовката на различни јадења. Од млеко се правеле многу тврди и меки сирења, како и многубројни разновидни ферментирани млечни производи.

Кујната на Мордовија, исто така, може да се пофали со широк спектар на слатки печива, од кои многу некогаш имале церемонијално значење. Меѓу овие слатки деликатеси спаѓаат и „момински гради“ (или „грудь молодушки“ на руски), кои сепак се попознати под името „свадбени лепчиња“ и кои потсетуваат на познатите „ватрушки“.

Во старо време, кога Мордовија била паганска, ова печиво играло клучна улога во локалните свадбени ритуали. За време на посебна молитвена церемонија во куќата на младоженецот, гостите се молеле на врховниот бог Нишке за благослов. Се молеле младата невеста да добие обилно мајчино млеко и да роди и нахрани седум синови и седум ќерки.

Овие лепчиња сè уште заземаат почесно место на празничните трпези на мордовските семејства, особено на венчавките.

Состојки за 14-15 лепчиња:

За тестото од кисел квасец:

  • Брашно - 1 шолја (250 г)
  • Шеќер - 1 шолја
  • Квасец (сув) - 12-15 г
  • Млеко - 1 шолја

За тестото (откако киселото тесто ќе нарасне):

  • Брашно - 500 г
  • Јајце - 1 парче
  • Путер - 100 г
  • Растително масло - 1 лажица
  • Сол - 1 лажица
  • Шеќер - 1 лажица

За филот:

  • Свежо сирење - 300 г
  • Јајце - 1 парче (за филот)
  • Јајце - 1 парче (за премачкување на лепчињата)
  • Шеќер - 1 лажица
  • Ванилин - по вкус

Подготовка:

1. Најпрво подгответе го тестото од кисел квасец. Во сад за матење измешајте 1 шолја брашно, 1 шолја шеќер и една кесичка квасец. Загрејте 1 шолја млеко (внимавајте да не зоврие) и додајте го на сувите состојки. Измешајте сè заедно за да добиете тесто. Покријте го садот и оставете го тестото да нараснува 1-1,5 часа, додека масата не се удвои во големина.

2. Кога киселото тесто ќе надојде, во истиот сад се додаваат 500 гр. брашно, 1 јајце, 100 гр. путер, 1 лажица растително масло, 1 лажичка сол и 1 лажица шеќер.

3. Месете го тестото додека добро не се соединат сите состојки. Можеби ќе треба да додадете уште малку брашно ако тестото е премногу лепливо.

4. Потоа подгответе го филот. Во посебен сад измешајте 300 гр. младо сирење, 1 јајце, 1 лажица шеќер и ванилин по вкус. Мешајте додека не добиете мазен, кремаст фил.

5. Кога тестото ќе биде готово, поделете го на еднакви мали делови и секој дел развлечете го во круг. Во средината на секој круг тесто ставете по една лажица фил од свежо сирење. Внимателно преклопете ги рабовите на тестото преку филот, оставајќи мала дупка во средината. Земете мало парче тесто и свиткајте го во вид на колбас. Ставете го околу дупката во средината за да служи како декоративен елемент.

6. Изматете го јајцето што преостана и со него премачкајте ги врвовите на лепчињата за потоа да добијат златна боја.

7. Загрејте ја рерната на 220°С, а составените лепчиња ставете ги на плех обложен со хартија за печење. Печете во рерна околу 15-20 минути, или додека не порумени.

8. живајте во „моминските гради“ додека се топли, сепак малку разладени пред да ги сервирате!

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња