Курник: Оваа солена пита е подарок за младенците на руска традиционална свадба

Јулија Мулино
Курник обично се прави со фил од пилешко, но ние решивме да го направиме без месо. Наместо тоа, ќе користиме печурки и јајца. Оваа комбинација се покажа како многу вкусна.

Во Русија се подготвуваат специјални јадења за свадби. Едно од нив е курник - голема, тркалезна, румена и сјајна повеќеслојна пита. Името „курник“ најверојатно доаѓа од рускиот збор за кокошка („курица“), која е една од состојките. Според друга верзија, питата е наречена така поради врелата пареа што избива (куриться – се чади) од отворот во средината на питата.

Родителите на невестата и младоженецот им подаруваат курник на младенците на денот на нивната венчавка. Тоа е повеќе од храна, тоа е јадење преполно со симболи, како во поглед на украсот, така и во поглед на филот.

Младоженецот добива курник украсен со човечки фигури, што значи желба за големо семејство. За невестата, курникот е украсен со цвеќиња и растителни мотиви кои ја симболизираат убавината и плодноста.

Филот на питата исто така има одредено значење: зрното е симбол на благосостојба, кокошката и јајцето го симболизираат продолжувањето на лозата, додека брашното симболизира хармонија и живот.

Иако традиционално курникот има три вида фил: каша (од ориз или хелда), пилешко и печурки, постојат повеќе варијации. На пример, наместо каша јас користам компири, печурки и зелка, дури и без пилешко. Како фил исто така користам ориз, печурки и јајца. Вкусот е поблаг и полесен отколку кога се додава пилешко.

Во јужна Русија традиционално се користи пилешко; во северна Русија риба. За да му се додадат вкус и сочност на филот, се додаваат пржени кромид и моркови, јајца и зачински билки. Во некои рецепти се додава и павлака. Слоевите се одделени со меки руски палачинки (блини). Целата оваа убавина се става во обвивка од тесто која формира крцкава кора.

Подготовката на курник е тешка работа која бара многу време. Но, резултатот ќе биде одличен додаток на вашата празнична трпеза. Гостите сигурно ќе бидат воодушевени! Еден интересен факт: според легендата, се смета дека курникот бил омиленото јадење на Иван Грозни.

Затоа, доколку сакате на младенците да им подарите нешто што ќе носи симболична смисла или само да ги изненадите гостите, направете курник. Колку повеќе слоеви, толку подобро!

Состојки за 6 порции:

Тесто (за пита со дијаметар 20 cm):

  • Брашно - 360 g
  • Путер - 60 g
  • Милерам (30% масленост) - 150 g
  • Јајце - 2 пар.
  • Сол - 1/2 лажичка
  • Шеќер - 1 лажица
  • Прашок за печиво - 1 лажичка

Палачинки (6-8 пар. со пречник 18 cm):

  • Брашно - 100 g
  • Топло млеко - 200 g
  • Јајца - 1 пар.
  • Шеќер - 1 лажиче
  • Сол – прстофат
  • Сончогледово масло - 1 лажица

Фил од печурки:

  • Шитаке печурки - 200 g (или шампињони)
  • Буковки - 200 g (или шампињони)
  • Кромид – 2 пар.
  • Сол – прстофат
  • Бибер – по вкус
  • Путер - 30 g
  • Сончогледово масло – 2 лажици

Фил од ориз:  

  • Бел ориз - 60 g
  • Јајце – 1 пар.
  • Кромид - 1 пар.
  • Путер и сончогледово масло за пржење на кромидот
  • Копар – 1 врзоп
  • Коцка за супа од печурки – по желба

Фил од јајца:

  • Јајца – 3 пар.
  • Млад кромид – врзоп
  • Путер за пржење на кромидот – 30 g

За премачкување на питата:

  • Жолчка + 2 лажици млеко

Начин на подготовка:

Најдобро е подготовката да ја почнете од филовите. Сварете го оризот. Јас додадов коцка за супа од печурки за да добијам побогат вкус, но тоа зависи од вас. Ако не додавате коцка, посолете го оризот.

Сварете 4 јајца. Едно варено јајце изгмечете со вилушка (преостанатите три ви се потребни за филот од јајца) и додадете го во оризот заедно со копарот. Кромидот ситно исечкајте го и пропржете го додека не стане стаклест. Додадете го на смесата од ориз.

За филот од печурки ситно исечкајте го кромидот и пржете го на масло и путер додека да омекне.

Исечкајте ги печурките и додајте кромид. Продинстајте додека печурките не омекнат, околу 7 до 10 минути. 

Посолете и збиберете по вкус. Оставете го настрана да се излади.

Ситно исечкајте три варени јајца. Исечкајте го младиот кромид и пржете додека не омекне. Посолете и збиберете по вкус.

Ставете ги сите состојки за тестото во чинија и месете додека да добиете мека, воздушеста маса.  

Покријте ги со фолија и оставете 30-40 минути да се одмори.

За палачинките во длабок сад ставете ги јајцето, солта, шеќерот и половина од количината млеко. Додајте го брашното и измешајте да нема грутчиња. Додајте го преостанатото млеко. Додајте масло и добро измешајте пред пржење.

Печете ги палачинките на врел тиган или плоча. Јас направив 7 палачинки со пречник 18 cm.

Тестото за пита поделете го на три дела: еден мал дел за украсување и два еднакви дела за дното и покривање на питата.

На хартија за печење со оклагија развлечете еден поголем дел од тестото до пречник малку поголем од палачинките. Одозгора ставете една палачинка.  

Врз неа ставете го филот од ориз. Заради сочност можете одозгора да додадете мали парчиња путер. Но, јас имав доста путер во мојот кромид, така што не додавав ништо.  

Покријте со палачинка, а озгора ставете го филот од печурки.  

Продолжете со една палачинка и филот од јајца. Потоа повторувајте ја постапката редејќи наизменично палачинки и различни видови фил додека не ги потрошите сите.

Последните неколку слоеви ќе имаат помалку фил за да добиете конусна форма. На врвот ставете палачинка за да биде рамно.  

Со оклагијата размесете го другиот поголем дел од тестото и поклопете ја питата. Штипкајќи, со прстите спојте ги долниот и горниот дел од тестото.

Украсете со остатокот од тестото по желба.  

Премачкајте ја питата со жолчка. 

Печете 30 минути во загреана рерна на 180°C.

Најдобро е да се сервира топло, но ќе биде вкусно и кога ќе се олади. Пријатен апетит!

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња