„Рјумочнаја“ (од рјумка (рус.рюмка) — чашка за жестоки пијалаци) е чисто советски феномен. Тоа беа посебни кафе-ресторани во спартански дух. Специјализирани за жестоки алкохолни пијалоци со кои како мезе се служеа сендвичи. Таквите барови некогаш беа достапни за најшироките народни маси во форма на „културно слободно време“.
„Мажите кои пиеја порто во влезовите, како револуционери собрани на состанок во илегала, или под бојадисана печурка на детско игралиште, сега можеа да свратат во пристоен бар, да испијат чашка и да каснат интелигентно. Нешто слично во тоа време не можеше ни да се замисли“. Вака пишува новинарот Леонид Репин во својата „Приказни за Москва и Московјаните за сите времиња“.
Првите барови наречени „рјумочнаја“ во СССР беа отворени во Москва во 1954 година. Според московскиот историчар Александар Васкин, тоа беше политички потег на новиот шеф на државата, првиот секретар на ЦК КПСС Никита Хрушчов, кому му беше потребно без одлагање да ги придобие симпатиите на народот и да стекне авторитет.
„Идејата да се отворат барови „рјумочнаја“ во Москва не беше добра, туку фантастична! Со синџир локали од овој тип, партијата и владата покажаа необична грижа за здравјето и културното слободно време на луѓето“, пишува Леонид Репин.
Кафе-рестораните „рјумочнаја“ имаа задача на љубителите на алкохол и вотка да им овозможат покултурно доживување, за овие горенаведени пијалаци да не се конзумираат на јавни места. Меѓутоа, некои локали станаа прибежиште за граѓаните кои не успеаја да го најдат своето место во повоениот СССР.
„На аголот на улиците „Мајаковскаја“ и „Некрасова“ (Ленинград) имаше застрашувачка „рјумочнаја“, полна со инвалиди без нозе. Оттаму допираше мирис на влажна овча кожа, несреќа, врисоци, тепачки, тоа беше страшна повоена „рјумочнаја“. Се добиваше впечаток дека луѓето се свесно пијани, сите тие партали, сакати, бивши офицери, војници, наредници. Не се најде начин да им се обезбеди засолниште и работа, и тоа беше еден од излезите“, вели Валериј Попов.
Во баровите „рјумочнаја“ се служеа вотка, порто, ликери, понекаде вино и коњак. Со секоја чашка одеше скромно мезе, сендвич со колбас, сирење, јајце, харинга и шпроти. На сендвич од 100 грама доаѓаа четири шпроти.
„Единствено што беше незгодно беше тоа што по првата чашка се јавуваше желба да се испие уште една, а сендвичот беше повеќе од доволен. Во принцип, сцената беше следнава. Мажите стојат и пијат чашка по чашка, а од сендвичите ја прават кривата кула во Пиза“, се сеќава Репин.
Во советските барови „рјумочнаја“ немаше маси и келнери. Посетителите се редеа и ја добиваа едноставната нарачка од шанкерката, а потоа продолжуваа до барските пултови.
„Познат угостителски објект, мирис на вотка, цигари, само машки гости, без пијанство карактеристично за пивниците и без досадни и лепливи долги разговори. Фрлаш чашка, јадеш сендвич, културно, кратко“. Вака советскиот писател и публицист Данил Гранин го опишува кафе-ресторанот „рјумочнаја“.
Едноставноста значеше и ниски цени, така што секој граѓанин можеше да си дозволи да оди во „рјумочнаја“ на пауза. И ценовникот и сендвичите беа исти низ цел Советски Сојуз, се сеќава Александар Васкин.
„Цените смешни, тишина, ред. Сите тивко, достоинствено. Скокаш и бегаш, дома, на гости, на концерт на филхармонија“, пишува петербуршкиот историчар Лав Лурие за доблестите на овие локали.
Генерално, во рестораните од овој тип се собираше приличен круг на луѓе.
„Во „рјумочнаја“ беа еднакви фабричкиот работник и новинарот, инженерот и водоинсталатерот. Тоа не беше само „машки клуб“, туку и место каде што се собираа луѓе од различна фела. Место каде што можеа да се вршат социолошки истражувања и да се проучува структурата на општеството“, смета Александар Васкин.
И државата го правеше тоа, навистина го проучуваше. Како што истакнува Лав Лурие, во педесеттите години на минатиот век речиси половина од таканаречените политички случаи биле покренати поради слободата на мислата во овие барови.
„Рјумочнаја“ остануваше прибежиште за квалификуваните, паметни работници кои го дефинираа социјалниот профил на градот, сериозни мажи кои заработуваа пари, одеа на стадионот Киров, го поминуваа одморот во фабричките стационари и на плац. Овие локали каде што се одеше после работното време имаа улога слична на пабовите во Англија“, истакнува тој.
Генералниот секретар на ЦК КПСС Михаил Горбачов во 1985 година започна кампања против алкохолот. Во кампањата што активно се спроведуваше две години беше намалено производството и продажбата на силни алкохолни пијалоци. Мерките ги зафатија и баровите „рјумочнаја“.
Следниот удар се случи по распадот на Советскиот Сојуз. Со формирањето на ресторанскиот пазар во земјата, како и појавата на нови формати на угостителски објекти, кафе-рестораните „рјумочнаја“ станаа носталгични места со верна публика која стануваше сé постара.
„Овој тип на ресторани не е реконструиран, ниту исчезна. Преживеа како Ростралните столбови, „Зенит“ и белите ноќи, без промена на функцијата. Просечната возраст на посетителите одговара на пензионери, речиси сите се формираа уште од рана младост во согласност со едноставниот и строг стил на „рјумочнаја“. Сите што пиеја многу не ги преживеаја деведесеттите. Останатите се прекалени ветерани кои си ја знаат својата норма и се навикнати на „културно“ пиење. Вака Лав Лурие ја опишува ситуацијата во Санкт Петербург.
Како што истакнува, токму во северната руска престолнина сé уште се популарни баровите „рјумочнаја“. Според него, ги има повеќе отколку во Москва. Меѓутоа, не е лесно да се привлечат нови посетители во старите локали.
Кафе-рестораните „Рјумочнаја“ не трпат стилизација. Беа направени неколку обиди да се создаде нешто во тој стил за помлади и платежно поспособни гости, но сите пропаднаа. Младите пијат значително помалку од нивните татковци и дедовци и не ја засакаа вотката. Локалните хипстери претпочитаат да пијат шотови во тренди баровите, некаде во Думскаја или Фонтанка. А вистинските љубители на овој вид ресторани не посегнуваат по нови локали, бидејќи се скапи. Сè уште се живи баровите „Рјумочнаја“, но полека изумираат заедно со својата клиентела, како дебели списанија или играњето домино во дворот“, заклучува петербуржецот Лурие.
Во Москва, Санкт Петербург или кој било друг град во Русија не е тешко да се најде „рјумочнаја“. Ресторани од овој тип и понатаму се отвораат. Сепак, не сите сопственици се придржуваат до принципите на „рјумочнаја“ од старата школа, демократијата, едноставноста, евтинијата. И стилизирана во духот на СССР во ентериерот и менито, новата „рјумочнаја“ и понатаму одговара на современите ресторански стандарди.
Автентичното советско наследство на овие барови се крие зад тешко забележливите фирми, во подрумските простории, меѓу лојалните гости. Таму е и евтино и добро, воопшто не е модерно, но е автентично. Освен што ставија нормални маси и столови.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче