Кој е вистински „мужик“?

Russia Beyond (Mike Marsland/WireImage / Getty Images; Public Domain; Getty Images)
Еден од најстарите зборови во рускиот јазик се однесува на одреден тип на маж. Мужикот првобитно бил селанец, но денес е нешто повеќе од маж и само ретко има погрдно значење. На руски најчесто тоа е огромен комплимент.

Во 2010 година Владимир Путин рече за Леонард Ди Каприо дека е „вистински мужик“. Стануваше збор за тоа дека актерот на пат за Санкт Петербург на конференција за загрозениот амурски тигар сменил три авиони. Имено, авионот на Ди Каприо од Њујорк мораше да се врати на аеродромот кога му експлодираше моторот. Потоа неговиот втор приватен авион мораше да слета во Финска поради снежна бура.

Во својот говор Путин рече дека Ди Каприо „се проби до нас како преку фронт“. Потоа додаде: „Жал ми е ако звучи грубо, но во нашата земја за таквите луѓе велиме: вистински мужик“. Што сакаше да каже Путин и на кого се однесува оваа фраза?

Кој бил мужик во царска Русија?

Речиси во сите описи на овој настан, зборовите на Путин за Ди Каприо се преведени како „вистински маж“, што не е сосема точно. Мужик е малку повеќе од тоа.

Основното значење на зборот „мужик“ е селанец, земјоделски работник. Така се користел во царска Русија. Во секојдневниот говор „мужик“ пред револуцијата бил социјален термин, додека во говорот на благородништвото можел да има погрдно значење. Ако еден благородник му каже на друг дека е мужик, тоа била тешка навреда, достојна за двобој.

Меѓутоа, овој збор имал и позитивно, дури и почесно значење, а така првенствено се употребува и во современиот руски јазик.

Која е разликата меѓу маж и мужик?

Русите отсекогаш им се восхитувале на своите селани. Тие го сочинувале мнозинството од населението и претставувале моќна сила која ги извојува сите победи на царската војска. Од времето на царицата Елисавета (1709-1762), ќерката на Петар Велики, набргу по Нова година, во Зимскиот дворец се организирале балови на селани, што значело дека секому, дури и на селаните, му било дозволено да присуствува доколку се облечени пристојно и чисто.

Можеби ќе се изненадите кога ќе слушнете дека во својот приватен живот царот Николај I себеси се нарекувал мужик (а својата жена, царицата, Александар ја нарекувал „баба“, што на руски значи селанка). На тој начин тој го величел рускиот селанец како бестрашна и решителна личност која ќе направи сé за да ја одбрани и обезбеди својата земја, домот и семејството.

Ова значење на зборот преживеало низ вековите. На што се мисли денес кога за некого ќе се каже дека е вистински мужик?

Како прво, тој е крајно мажествен. Не мора да носи брада, но може да биде малку груб. Малку резервиран. Мужикот е сосем сигурно физички и ментално стабилен и непоколеблив. Сепак, не мора да биде набилдан или спортски граден. Кога ќе се најде во тешка или неповолна ситуација, тој е човек што не се откажува.

Конечно, мужик во модерна Русија е повик за помош. На пример, колата ви застанала на средина на патот и ви треба помош да ја поместите настрана. Кога ќе се приближите до автобуска станица каде што има неколку мажи, нема да кажете „Господа, дали би ми помогнале“, туку: „Мужики, дајте да ја избуткаме колата!“ Така покажувате почит спрема нив и доверба дека ќе ви помогнат. Затоа можеме да кажеме дека во секој руски маж се крие мужик.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња