Черињањ пита: Топла и вкусна рибја пита од студениот север на Русија (РЕЦЕПТ)

Олга Бровкина
Откријте го уникатниот вкус на питата со риба черињањ, која со векови ги хранела северните народи и која лесно можете да ја направите дома. Но, бидете внимателни и користете вид риба која има малку коски.

Русија има широк спектар на јадења кои се уникатни за различни региони на земјата. Едно такво јадење е черињањ, традиционалната пита на народот Коми-зирјани, или едноставно Коми. На јазикот на Комите, чери значи риба, а њањ значи леб.

Комите веќе со векови живеат во северните делови на Русија, а на нивната кујна во голема мера влијаат климата и природните ресурси на регионот. Моќните реки на рускиот север отсекогаш биле богати со риба, така што рибјите пити го зазеле почесното место во локалната кујна.

Историјата на питата черињањ може да се проследи наназад во XVIII век кога Комите почнале да печат рибји пити од тесто со квасец. Јадењето се здобило со популарност благодарение на уникатниот начин на подготовка, каде што целосно исчистената риба се поставува на расукан слој тесто. Рабовите на тестото потоа се креваат и нежно се штипкаат, оставајќи го филот половина отворен. Овој метод не само што придонесува за естетиката на јадењето, туку и овозможува тестото да игра две улоги одеднаш - како сад за печење и како прилог.

Тестото за Черињањ традиционално се прави од мешавина на пченично и 'ржано брашно. Рибата што се користи како фил (зандер, штука, смуѓ) се зачинува со сол и бибер пред да се испече во тестото. Меѓутоа, модерните верзии на черињањ дозволуваат употреба на рибји филети за полнењето.

Черињањот често се служи за време на прослави и семејни собири и тоа е начин да се соберат луѓето на трпеза. Исто така, се верува и дека јадењето носи среќа, а вообичаено е да им се служи на гостите во знак на гостопримство.

За јадењето се потребни само неколку состојки; иако по желба во рецептот може да се додадат гриз, зачински билки, јајца и кромид. Бидејќи е лесен за подготовка, черињањот е совршен оброк кога немате многу време да подготвите вечера во текот на неделата или за „мрзливи“ викенди.

Состојки за 2 пити:

  • ‘Ржано брашно - 250 г
  • Пченично брашно - 250 г
  • Млеко или вода - 1 шолја
  • Шеќер - 1 лажица
  • Путер – 50 г + 10 г (за подмачкување)
  • Сол - 1 лажичка
  • Сув квасец - 5-6 г
  • Риба - 500 г

Подготовка:

1. Земете приближно 1 шолја малку загреана вода, растворете една лажица шеќер, сол и квасец.

2. Во посебен сад просејте брашно, додајте шеќер и вода.

3. Потоа во таа смеса додајте ја смесата од квасецот, постојано мешајќи додека не стане мазна.

4. Потоа во тестото додајте растопен путер. 

5. Внимателно замесете го тестото.

6. Тестото треба да отстои и да нараснува 3-4 часа на топло место.

7. Додека тестото нараснува, одвојте време и исчистете ја рибата од крлушките и утробата.

8. Кога тестото е готово, по потреба премачкајте го плехот со масло и во него ставете го развиеното и подготвено тесто.

9. Во средината на тестото ставете ја рибата.

10. Подмачкајте ја рибата со мала количина растопен путер. Со преостанатото тесто направете рабови, така што рибата и понатаму да се гледа.

11. Печете ја питата во рерна, на температура од 180℃, околу 40 минути додека не порумени.

Пријатен апетит!

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња