Старо руско јадење „грашок колодкој“, или пудинг од грашок (РЕЦЕПТ)

Јулија Мулино
Ова е богато вегетаријанско јадење кое за прв пат почнало да се готви во Русија уште пред неколку векови, но модерната верзија и понатаму изгледа примамливо.

Првото писмено спомнување на грашок во Русија е во XII век, а во XVI век „Домострој“ (книга со правила за секојдневниот живот) опишува низа јадења со грашок. Ова јасно укажува на тоа дека грашокот веќе бил важна компонента на руската кујна.

Во денешната индустрија за грашок постојат две главни групи - цел зелен грашок и сушен грашок. Русија е еден од светските лидери во производството на сушен грашок. А од сушениот грашок се подготвува „грашок колодкој“.

Немојте да бидете изненадени од името на ова јадење. Името е дури и необично за увото на современиот Русин. Колодкој значи „едно цело парче“. Интересно е да се научи како ова јадење од пире од грашок може да остане цврсто или „во едно парче“.

Најчестиот начин на варењето грашок е густа супа. Ако грашокот се вари долго, тогаш се добива густа каша која е течна додека е врела. Но, кога ќе се излади, станува цврста поради високата содржина на скроб. Овие својства се користат во „грашокот колодкој“.

Во старо време, ова јадење се служело како прилог на месо или риба. Но, грашокот сам по себе прилично заситува поради високата содржина на протеини. Затоа, нашето јадење може да се сервира одделно.

Го сметам за вегетаријанско предјадење/ужина која е особено корисна за време на пости.

Ова јадење се базира на жолт сушен грашок и коренест зеленчук. Морковот дава дополнителна сладост и боја, кромидот и лукот го зачинуваат. За уште побогат вкус додадов корен од пашканат и ротквица. А за дополнителен вкус, се разбира, додавам зачини како ловоров лист, бибер, ким, коријандер и сушен лук.

Готвењето на „грашок колодкој“ бара време за да се постигне најдобриот резултат. Прво, грашокот треба да се потопи во ладна вода 24 часа. Ова е неопходно за да се скрати времето за готвење. Водата треба периодично да се менува за време на натопувањето.

Второ, самиот процес на готвење е прилично долг, бидејќи треба да се погрижиме грашокот да биде целосно сварен. Времето за готвење ќе зависи од типот на грашок што го користите. Мојот грашок ја задржа својата форма и по три часа готвење, па морав да го иситнам со блендер за стапчиња.

На крај, за да се стабилизира смесата со грашок, ставете ја во фрижидер, по можност преку ноќ. Друг важен момент е употребата на силиконски калапи. На тој начин пудингот од грашок лесно ќе излезе без да се растури.

Овој пудинг од грашок не содржи масти или масла. И покрај фактот дека има прилично кремаста текстура, сакав да додадам малку сочност. Заедно со грашокот испржив коренест зеленчук на масло. Грашокот можете да го послужите со крутони или брускети.

Состојки за 6-8 порции предјадење:

Сушен жолт грашок - 200 г

Морков - 1 пар.

Корен на пашканат - 1 пар.

Ротквица (мала) - 1 пар.

Стебленце целер - 1 пар.

Кромид - 1 пар.

Лук - 2 чешниња

Маслиново масло за пржење

Сол по вкус

Бибер по вкус

Ловоров лист - 1 пар.

Сушен лук / кин / коријандер - 1 лажичка

Подготовка:

1. Грашокот се прелива со ладна вода и се остава 24 часа. Повремено менувајте ја водата. Грашокот ќе набабри.

2. По 24 часа, во блендер иситнете 1/3 морков, 1/3 кромид, 1/3 пашканат, 1/2 ротквица и чешне лук.

3. Зеленчукот со набабрениот грашок се става во ладна вода (малку повеќе од литар), се посолува, збиберува, се додаваат ловоровиот лист и останатите зачини.

4. Се вари под затворен капак додека грашокот не омекне на тивок оган. Мене ми требаа три часа; можеби и помалку, во зависност од видот и обработката на грашокот. Внимавајте на водата за да не изгори грашокот. Ако, напротив, остане многу чорба, тогаш вишокот течност отстранете го со црпалка. 

5. Направете пире од грашокот со блендер додека смесата не се изедначи.

6. Калапите подмачкајте ги со масло за да не се лепи грашокот на страните. 

7. Топлиот испасиран грашок распоредеето го во калапи. Добро притиснете за да не остане воздух на дното. Кога смесата ќе се олади, ставете ги калапите во фрижидер преку ноќ.

8. Остатокот зеленчук исечкајте го ситно.

9. Посолете го и пропржете на маслиново масло додека не омекне. Ова ќе биде прелив кога ќе го послужите.

10. Внимателно свртете ги калапите, директно на чинијата во која ќе го сервирате јадењето.

11. Додајте зеленчук, зачински билки и крутони од бел или црн леб.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња