Како да направите руски посни мини уштипци – липецки „бобишки“ (РЕЦЕПТ)

Јулија Мулино
Повеќето луѓе сметаат дека уштипцте се нешто мрсно и нездраво. Рецептот за руските бобишки му пркоси на овој стереотип. Бобишките се автентични вегански мини уштипци со сладок сос.

Се смета дека бобишките локален кулинарски специјалитет на Липецката област, 400 километри јужно од Москва. Секое семејство има свој рецепт, а некои карактеристики го прават ова јадење уникатно.

Бобишките се слатки мини земичка кои се особено популарни за време на Великите пости. За многумина тие се носталгично поврзани со детството, кога нивните баби го подготвувале овој вкусен појадок.

Традиционалната основа за бобишките е водата во која се варело просо. Освен брашно и квасец, тестото обично содржи само уште малку сол и шеќер. Тестото мора да отстои преку ноќ. Мини земичките се подготвуваат во класична руска печка на дрва.  

Нивната подготовка е едноставна и порано биле редовен појадок во некои краеви во Русија. Тоа бил и начин да се искористи течноста од готвењето на житарките наместо да се фрли. Домаќинките правеле каша за вечера, а остатокот го користеле за тестото што го печеле следното утро. Само ќе ги ставеле бобишките во рерната и појадокот бил подготвен.

Друга карактеристика на бобишките е тоа што се ситни. Кога се печат во рерна изгледаат како мали земички, додека кога се печат во тавче може да се споредат со уштипци.

Трета нивна карактеристика е слаткиот прелив со кој се служат. Бидејќи тестото е посно без маснотии, вкусот на ова јадење се потпира на слаткиот додаток. Порано преливот се правел од семе од коноп и шеќер. Друга популарна варијација на сосот бил сирупот од алва. Во подоцнежните верзии, на преливот се додавало какао заради вкус на чоколадо. Во секој случај, сосот се подготвува однапред. Топлите бобишки се редат на голема тацна и се прелеваат со сладок сируп.

При подготовката на бобишките се трудев да ги задржам сите основни традиционални карактеристики на јадењето, земајќи ги предвид современите услови за живеење и достапните намирници. Ги почитував количинските односи меѓу состојките. Кашата од просо и брашното се застапени во сооднос еден спрема еден. Тестото е ретко, но погусто од тестото за палачинки.

Откако се обидов да испечам бобишки во рерна и да ги пржам во тава (можете да ги видите на фотографиите), го избрав вториот начин на подготовка како подобар. Во рерната бобишките испаднаа како сунѓерести земички. На моите деца им се допаднаа како еден вид мали лепчиња со различни филови.

За преливот користев кисељ од бобинки. Бобишките, кои се прилично суви сами по себе, стануваат меки и сочни откако ќе го впијат преливот.

При сервирањето не ја почитував традицијата. Наместо голем заеднички сад, користев индивидуални чинии. Порциите ги украсив со свежо овошје и семки.

Состојки за 6-8 порции:

За бобишките:

Брашно - 350 g

Просо - 75 g

Вода - 750 ml (или 400 ml вода во која е варено просото)

Квасец - 5 g

Шеќер - 2 лажици

Со - 2/3 лажички  

Масло

За кисељот:

Малини - 300 g

Вода - 500 ml

Шеќер - 3 - 6 лажици (по вкус)

Скроб - 3 лажички

Начин на подготовка:

Бобишки

Во тенџере се става просото со вода и се вари поклопено околу 40 минути. За тоа време, зрната треба да набабрат и добро да се сварат.

Белата течност за готвење процедете ја низ цедалка. Јад добив 400 мл од оваа течност. Оставете ја да се излади.

Во млаката течност од варењето на просото додадете ги шеќерот, квасецот, солта и брашното. Ќе добиете ретко тесто. Покријте со капак или фолија и ставете го во фрижидер преку ноќ или најмалку 7 часа.

Следниот ден тестото ќе нарасне и ќе се запени. Нема да можете да работите со него со раце, затоа јас користев две лажици.

За да го испочитувам автентичниот начин на подготовка, бобишките ги печев во рерна околу 15 минути на 200℃. Земичките ги обликував со лажица од 18 грама.

Добив земички кои може да се јадат со секаков вид прелив.

Меѓутоа, мојот омилен метод на подготовка на бобишките е печење во тава. Ги испеков во керамичка тава со нелеплива површина со додавање на сосем малку масло. Бобишките ги вадев со лажица. Ги печев на тивок оган да не изгорат.

Потоа ги превртував со шпатула.

Бобишките се воздушести и сунѓерести, но не многу меки.

Наредете ги врелите мини уштипци во чинивчиња за сервирање и прелијте ги со кисељ или друг омилен прелив. Почекајте да го впијат сосот и да омекнат.

Послужете порции украсени со бобинки, различни семки или јаткасти плодови.

Кисељ

Додадете ги бобинките, во овој случај малините, во тенџере со 450 мл вода и загрејте ги додека не зовријат. Додајте шеќер и оставете да се вари 5 минути. Ќе добиете компот.

Отстранете го овошјето од сокот.

Скробот измешајте го со жица за матење во 50 мл ладна вода додека не добиете хомогена течност.

Полека сипете ја течноста со скробот во сокот од компот, постојано мешајќи со жица за матење. Оставете да зоврие.

Цело време матете го кисељот. Кога ќе се згусне, тргнете го од огнот.

Топлиот кисељ е течен, а при ладењето се згуснува.

За преливање користете топол кисељ.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња